НИСКИОТ ОДЅИВ ВО ПРВИОТ ИЗБОРЕН КРУГ ДОНЕСЕ И ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Жолт картон од гласачите за политичарите, што со цензусот?

На гласањето на 19 октомври се забележа рекордно ниска излезност од само 46,48 отсто, а поради неисполнување на законскиот услов, гласањето ќе мора да се повтори во четири општини со нови дополнителни трошоци. Политичките аналитичари укажуваат дека голем дел од граѓаните не излегле на гласањето оти биле незадоволни од конкретни политики во областите што граѓаните ги сметаат за најважни на локално ниво. „За да се подобри, или во најлош случај, за да одржи оваа ниска излезност, партиите мора да работат на подигање на својата политичката култура и квалитетот на политичката дебата“, вели истражувачот Ѓорѓи Хаџи Василев од Институтот за демократија

1140

Повици за масовна излезност на гласачите деновиве зачестија од партиите и од кандидатите во пресрет на неделното решавачко гласање за вториот круг од локалните избори. Се бара глас повеќе, кој може да биде решавачки за победа на некој кандидат во 33 општини и Градот Скопје во кои ќе има гласање. Напоредно со пазарења со партиите и кандидатите кои отпаднале во првиот круг, сега се бара мотивирање и на оние гласачи кои ретко излегуваат на изборите. А речиси сите предизборни анкети со години покажуваат дека меѓу 30-40 проценти од граѓаните не сакат или не знаат дали ќе излезат на изборите.

Премиерот и лидерот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на завчерашниот партиски собир во Пробиштип директно повика на што поголема излезност.

– Седењето дома е најлоша опција. Со тоа никој не е казнет, освен самите граѓани кои не излегле на гласање. На изборите имаме две опции, едната што ја претставува ВМРО-ДПМНЕ, другата СДСМ. И третата опција, по мене, најкатастрофална, е да останеме дома и да не излеземе на изборите и да дозволиме некој друг да одлучува во наше име – порача тој.

И лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, на собирот во скопската општина Аеродром повика на поголема излезност.

– Ги повикувам сите граѓани на Аеродром да излезат во уште поголем број отколку во првиот круг – нагласи Филипче.

Ваквите повици се случуваат откако во првиот круг на гласањето на 19 октомври се случи најмал и рекордно низок одѕив на гласачите од само 46,48 процент, бидејќи од запишаните 1.832.415 избирачи гласале само 834.440. Во вториот изборен круг, инаку, нема да важи условот за излезност од една третина, но она што се случи во првиот круг дојде како големо предупредување. Затоа што ова е првпат, по досегашни седум изборни циклуси, излезноста во прв круг од локални избори да падне под 50 отсто. Дополнително, евидентирани се речиси 50.000 неважечки ливчиња, што е, всушност, најмногу досега.

Отсуство на конкретни политики

Нискиот одѕив беше и решавачки што првиот круг пропадна поради тоа што не беше исполнет законскиот услов за излезност од најмалку една третина од запишаните избирачи во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше. Таму, откако в недела ќе заврши гласањето, одново ќе бидат распишани нови избори за кои процедурата ќе почне од почеток, а ќе треба да се одржат во рок од шест месеци, со нови трошоци и издатоци на државата. Со тоа, извесно, ќе се зголеми предвидената сума од 9 милиони за локалните избори при што олеснителна околност ќе биде што тогаш веќе нема да се поставува законскиот услов за цензусот од една третина излезност уште во првиот изборен круг.

Аналитичарите велат дека граѓаните пратиле порака со која им дадоа „жолт картон“ на учесниците во изборите.

– Една од најважните причини, веројатно, лежи во она што многумина го оценија како една од најслабите и најнеиновативните изборни кампањи во поновата историја на државата. Отсуството на конкретни политики во областите што граѓаните ги сметаат за најважни на локално ниво – загадениот воздух, нечистотијата и дивите депонии, сообраќајниот метеж, нефункционалниот јавен превоз како и кревката јавна безбедност – придонесе голем дел од граѓаните да го поминат изборниот ден во своите домови, а и тие што се решиле да излезат на гласање – да им дадат „жолт картон“ на сите кандидати со пречкртување на гласачкото ливче – вели Ѓорѓи Хаџи Василев, истражувач во Институтот за демократија, солидарност и цивилно општество.

Суштинското прашање, значи, е зошто процентот на излезноста на граѓаните оди постојано надолу? За тоа сведочат податоците од последните седум изборни циклуси: во 1996 година – 60.20 проценти, 2000 година – 59.00 отсто, 2005 година – 56.00 проценти, 2009 година – 57.90 отсто, 2013 година – 67.00 проценти, 2017 година – 59.50 проценти и 2021 година – 52.70 отсто. Сега се случи најниската излезност од 46,48 проценти која, можеби, делумно има причина во намалувањето на бројот на жителите во земјава. Пописот пред четири години покажа дека изброените 1,8 милиони резидентно население е за 185.000 помало отколку на пописот во 2002 година. Истовремено, во избирачкиот список се внесени и 112.000 гласачи кои се во странство и кои со недоаѓањето да гласаат го намалиле процентот на одѕивот. Меѓутоа, факт е дека македонските граѓани кои се во татковината, не беа мотивирани да излезат на гласање. Тоа, напоредно со постојната законска одредба од Изборниот законик за потребниот цензус од една третина од излезените гласачи, направи проблем кој, извесно, може да се повторува и во иднина.

Што со условот од 33,33 отсто?

Оттаму и прашањето што натаму со ваквата законска одредба која, на пример, веќе нема да се поставува кога ќе се организира новото гласање во четири општини. Според аналитичарот Александар Ристевски најважно е да се има чист избирачки список.

– Јас, сепак, не би го укинувал условот од 33,33 отсто за да има градоначалникот барем минимален легитимитет. За локални избори треба да има прочистен избирачки список, само до резиденти. Тој што не е во општината повеќе од една година, не треба да гласа. Тогаш ќе има без проблем 33,33 отсто – смета тој.

Но, се поставува и прашањето за можноста за отстранување на одредбата за една третина, но за тие измени во Изборниот законик ќе треба да решаваат политичките партии. Повеќе законски членови веќе подолго време чекаат измени во врска со барањата на ОБСЕ/ОДИХР како, на пример, оние за државно финансирање на кампањите и слично, и кои никако да се решат. А додека се чека тоа, извесно е дека трендот на намалувањето на одѕивот на гласачите нема да запре со оглед на продолжувањето и на трендот на иселувањето и на намалениот наталитет во земјава. И примерите во земјите во регионот, како на пример, Хрватска, покажуваат сè понизок одѕив на гласачите, кој на последните локални избори изнесувал само малку повеќе од 30 проценти. Тогаш се поставува и ново прашање, дали, по евентуално укинување на законскиот услов од една третина, би се дошло во ситуација за општински градоначалници да се избираат кандидати кои ќе добиваат само по 10, 15, 20 проценти од запишаните избирачи? Односно, каков легитимитет ќе имаат тие со оглед на фактот што ќе ги избира само мал број од граѓаните, можеби само партиски мобилизирани гласачи? Едно истражување во јануари годинава покажало дека, гледано во просек, секој седми граѓанин кај нас е член на политичка партија – нив 13,3 проценти. Во таква ситуација прашањето е што треба државата да прави за да не падне излезноста на гласачите на најниски гранки, несоодветни за една европска демократија?

Според истражувачот Ѓорѓи Хаџи Василев партиите мора да работат на подигнувањето на политичката култура.

– Падот на одѕивот на изборите е сериозен тренд во сите демократии, не само кај нас. Новите генерации немаат трпение како претходните, и ако не им се презентираат иновативни и конкретни политики на привлечен начин, тие, едноставно, не излегуваат да гласаат. За да се подобри, или во најлош случај, за да се одржи оваа ниска излезност, партиите мора да работат на подигање на својата политичката култура и на квалитетот на политичката дебата. Она што секако нема да оди во полза на тоа се меѓусебните обвинувања и црните кампањи кои се користат за пополнување на отсуството на квалитетни политики, како и наметнувањето на национални и идентитетски теми и политики во кампања во која граѓаните очекуваат решение за нивните секојдневни и локални проблеми – нагласи тој. (Б. Ѓ.)

 

ДИК: Во 33 општини втор круг на гласање, повторување за советници во три избирачки места во Шуто Оризари

В недела ќе има гласање во вториот изборен круг во 33 општини за избор на нивни градоначалници, констатира ДИК по вчерашната седница.

Претседателот, Борис Кондарко, изјави дека изборите се веќе завршени во 44 општини.

– Со објава на 11 општини за избор на градоначалник во прв круг и претходните 33 од минатиот четврток каде што немаше приговори, вкупно се завршени 44 општини каде што е извршен избор на градоначалник во првиот изборен круг. Остануваат уште 33 општини кои ќе одат во втор круг – рече Кондарко.

Во однос на изборот за членови на советите на општини и Советот на Град Скопје, Кондарко соопшти дека само во Општина Шуто Оризари ќе се повтори гласањето на 2 ноември за избор на членови на Советот.

– Остана само една општина со три избирачки места во кои се поништени резултатите од Управниот суд – во Општина Шуто Оризари. По направената симулација, утврдено е дека е можно да има теориско влијание на бројот на запишаните гласачи во овие три избирачки места на распределбата на мандатите во Советот. ДИК врз основа на наведеното, согласно со одлуките на Управниот суд за поништување на гласањето, одлучи гласањето во овие три избирачки места во Општина Шуто Оризари за избор на членови на Совет да биде повторено на 2 ноември – рече Кондарко.

ИЗДВОЕНИ