Ништо од еврото: Бугарскиот парламент го отфрли предлогот за референдум

77

Претседателката на бугарското Собрание Наталија Киселова денеска го отфрли предлогот на претседателот на таа земја Румен Радев за национален референдум за усвојување на еврото како бугарска валута со образложение дека таквиот потег би го прекршил Уставот.

Киселова рече дека тоа не е во согласност со неколку членови од бугарскиот устав и сродните договори со Европската унија и дека е во спротивност со одлуките на бугарскиот Уставен суд.

Уставниот суд во Софија претходно го отфрли барањето за референдум за приклучување кон еврото, пренесува Ројтерс.

Во понеделникот, Радев предложи референдум за плановите на Бугарија за усвојување на еврото следната година, предизвикувајќи критики од владата, додека еден министер рече дека тоа е обид да се саботираат нејзините напори за приклучување кон единствената валута.

Бугарската влада има за цел да го усвои еврото следниот јануари, со потврда од Европската комисија и Европската централна банка во јуни дека се исполнети сите критериуми за членство.

Економистите тврдат дека Бугарија, чија валута лев одамна е врзана за еврото, ќе привлече повеќе странски инвестиции доколку усвои единствена валута и ќе обезбеди подобрување на нејзиниот кредитен рејтинг што може да ги намали трошоците за финансирање на долгот.

Сепак, бугарските граѓани се поделени околу усвојувањето на еврото, со загриженост дека тоа може да доведе до зголемување на цените, слично на она што се случи во Хрватска кога се префрли на еврото во 2023 година, наведува агенцијата.

ИЗДВОЕНИ