Само неколку години по ковид-19, светот повторно се соочува со нова здравствена закана, вирусот нипа, што ја зголеми контролата на аеродромите, особено во азиските земји, каде што се појавија случаи на заразени луѓе. Иако самата помисла дека се шири нов вирус од Истокот буди страв и потсетува на пандемијата, но експертите смируваат: нипа не се шири лесно од човек на човек, но тоа не значи дека треба да бидат опуштени патниците. Напротив, за македонските граѓани што сè почесто заминуваат на далечни дестинации во Азија, важно е да знаат на што да внимаваат и кога да реагираат.
Епидемиологот Драган Даниловски, кој се огласи по бројните информации што се шират во јавноста, порачува дека за да влезе вирусот во Македонија, би било потребно лице што било изложено на нипа-вирусот во странство и да развие симптоми по враќањето. Дури и тогаш ризикот од ширење кај нас би останал мал, бидејќи за пренос најчесто е потребен интензивен и близок контакт, особено во домашни или во болнички услови, без заштита.

Азиските земји повторно ги „стегаат“ контролите на аеродромите, поради вирусот нипа, откако Индија потврди нови случаи. Пакистан е последната држава што нареди засилен скрининг на влез во земјата, а мерки за проверка на патниците воведоа и Тајланд, Сингапур, Хонгконг, Малезија, Индонезија и Виетнам.
Вирусот Нипа е познат како редок, но опасен, може да предизвика висока температура, тешка инфекција и воспаление на мозокот, а стапката на смртност, според податоци на Светската здравствена организација, се движи од 40 до 75 отсто. Дополнителна причина за загриженост е тоа што нема вакцина за овој вирус и нема специфичен лек.
За да влезе нипа во Македонија, според доктор Даниловски, би требало да има лице што било изложено на вирусот во странство и потоа, по враќањето, да развие симптоми. И тогаш, додава тој, ризикот од понатамошно ширење кај нас би бил низок, бидејќи не станува збор за вирус што се шири лесно како грип или ковид.
Во Индија, каде што се регистрирани нови случаи, здравствените власти соопштија дека биле пронајдени и следени речиси 200 контакти поврзани со заболените и дека сите тестирани биле негативни, што, според тамошните институции, значи дека состојбата е под контрола.
Пакистан, пак, воведе построги мерки на границите: термичко скенирање и здравствена процена на аеродромите, пристаништата и копнените премини. Патниците ќе треба да достават и податоци каде се движеле во претходните 21 ден за да се утврди дали биле во ризичните региони.
Оваа тема станува особено важна и за Македонија, бидејќи сè повеќе наши граѓани патуваат на далечни дестинации – и службено и туристички. Затоа лекарите советуваат да се информираат и да бидат внимателни, но без да креваат паника.
Доктор Даниловски порачува дека ако патува некој во Индија или во регионите каде што има пријавени случаи, најважно е да внимава на основните мерки: да избегнува ризични контакти, да одржува хигиена и по враќањето, ако се појави температура, голема премаленост, кашлица или невролошки симптоми, веднаш да се јави на лекар и да каже дека бил на патување.
– Најважно е сензационализмот да не ја замени реалната процена на ризикот. Паниката не е оправдана – предупредува Даниловски.
Тој додава дека институциите кај нас треба да бидат подготвени со стандардни мерки: да се прашува секој пациент со сериозна инфекција дали патувал неодамна, да има брза комуникација меѓу лекарите и лабораториите и јавноста да биде информирана навремено и точно, без заплашување.
Во моментов, нипа останува опасен вирус, но локализиран проблем во одредени делови од Азија и, според експертите, за Македонија ризикот е мал доколку се следат основните правила и се реагира навреме при симптоми по патување. (П.А.)












