Нино Васев и Нехат Нухи испратени во затворски притвор

682

Екс директорот Клиниката за радиотерапија и онкологија, д-р Нино Васев, и организацискиот директор Нехат Нухи ќе одат во затворски притвор од 30 дена, одлучи Апелациониот суд Скопје.

Судот ги прифати жалбите на Основното јавно обвинителство Скопје, кое побара построги мерки за двајцата обвинети, укажувајќи на опасност од бегство.

Обвинителството бараше ефективен притвор за Васев, додека неговата одбрана – да се брани од слобода.  -Степенот на сомневање е висок, а се работи за сериозни кривични дела. Единствена соодветна мерка е ефективен притвор – истакна обвинителката Фатиме Фетаи и додаде дека има реална опасност Васев да избега, имајќи ги предвид тежината на делата и висината на можната казна.

Обвинетиот, пред Судот, побара фер судење и рече дека досега соработувал со сите институции.

– Се појавив пред анкетната комисија, дадов искази во истрагата, не сум се обидел да избегам. Барам да се бранам од слобода – изјави Васев пред Судот.

Во случајот „Онкологија“, Основното јавно обвинителство поднесе две обвиненија против двајца поранешни директори и четворица лекари онколози. Нино Васев е обвинет за злоупотреба на службената положба, измама во службата и за проневера во службата, со што, според Обвинителството, е оштетен државниот буџет за над 2,2 милијарди денари.

ИЗДВОЕНИ