Обвинетиот Нино Васев во случајот Онкологија ги откажа адвокатите и на денешното рочиште дојде со двајца нови бранители. До судот доставија барање за делегирање на надлежноста за случајот на друго обвинителство.
Или државниот обвинител Љупчо Коцевски да го земе и да го сработи одново или да го делегира на друго обвинителство. Обвинението да се повлече или дополни, но тоа да го прават обвинители од Гостивар, Битола или Штип, бара одбраната на Васев.
Поради тоа судењето на кое требаше да сведочат ќерка на почината и сопруг на почината пациентка на Онкологија се одложи за една недела. За тоа време обвинителот Коцевски треба да донесе одлука по барањето на адвокатите на првообвинетиот за несовесно лекување на десетици пациенти.
Според обвинетите обвинението е направено од техничко лице кое е сведок во постапката кое немало познавања во работата, ова го тврдат од непосредното работење со него на клиниката. На денешното рочиште иако беа повикани повеќе сведоци дојдоа само двајца, а судијката Снежана Марковска се заложи дека ќе ги обезбеди за следното судење. (П.А.)