Во Апелациониот суд Скопје се одржа јавна седница за жалбите на одбраната и на Обвинителството за мерката куќен притвор на поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев, обвинет во предметот „Онкологија“. Обвинителството бара ефективен притвор за Васев, додека неговата одбрана – да се брани од слобода. Обвинителството бара укинување на куќниот и определување ефективен притвор, со образложение дека само таква мерка ќе обезбеди присуство на обвинетиот и непречено водење на постапката.
– Степенот на сомневање е висок, а се работи за сериозни кривични дела. Единствена соодветна мерка е ефективен притвор – истакна обвинителката Фатиме Фетаи и додаде дека има реална опасност Васев да избега, имајќи ги предвид тежината на делата и висината на можната казна.
Обвинетиот, пред Судот, побара фер судење и рече дека досега соработувал со сите институции.
– Се појавив пред анкетната комисија, дадов искази во истрагата, не сум се обидел да избегам. Барам да се бранам од слобода – изјави Васев пред Судот. Неговиот адвокат, Никола Ставрев, истакна дека обвинетиот досега покажал коректно однесување и дека не постојат услови за ефективен притвор.
– Обвинителството го заснова барањето врз обем на докази што немаат вистинска тежина. Васев не е бегалец, туку пензионер, татко и досега неосудуван граѓанин, кој свесно се соочува со постапката – рече Ставрев.
Во случајот „Онкологија“, Основното јавно обвинителство поднесе две обвиненија против двајца поранешни директори и четворица лекари онколози. Нино Васев е обвинет за злоупотреба на службената положба, измама во службата и за проневера во службата, со што, според Обвинителството, е оштетен државниот буџет за над 2,2 милијарди денари.