Изземајќи се од надлежноста за санирање на состојбата со кањонот Матка, од Град Скопје упатија на Центарот за управување со кризи (ЦУК), како надлежна институција за процена и координација при ризици и опасности од ваков тип.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, за весникот ВЕЧЕР информираше дека веќе биле преземени соодветни мерки и активности согласно со Законот за управување со кризи, во согласност со членовите 4 и 5, а во врска со членот 37 од Законот за управување со кризи.
– Одржани се координативни состаноци со претставници на релевантни институции, известени се надлежните субјекти, по насоки на Генералниот секретаријат, одржана е седница и на органи и на тела на Владата за актуелната состојба, донесени се соодветни препораки и заклучоци во однос на проблемот со одроните во Матка и по нив се постапува – истакна Али.
Тој повтори дека Општината Сарај ги информирала жителите, локалните и странските туристи, како и сите здруженија кои планираат активности во оваа област, дека врз основа на одлуката на Дирекцијата за заштита и спасување (57-2071-1 од 19.02.2026 година), треба да се внимава при движењето по патеката на Матка поради ризик од одрон на камења и тоа дека ДЗС поставила и знаци што означуваат одрон на камења во опасните подрачја.
– Предупредувањето стапи во сила веднаш и ќе трае до понатамошно санирање на состојбите – нагласи Али.
Инаку, во петокот, весникот ВЕЧЕР пишуваше дека одроните од карпи претставуваат опасност за посетителите на кањонот Матка. Прашани за тоа дали и што ќе преземат за санирање на состојбата, и од Општина Сарај и од Град Скопје, како и од Дирекцијата за заштита и спасување, се изземаа од одговорноста, а во меѓувреме, посетителите на кањонот самите ќе си го сносат ризикот доколку, не дај боже, се случи нешто, онака како што и, всушност, е наведено и во предупредувањето од Општина Сарај за опасноста од одрони од карпи.
(А. П.)












