Изработката на новиот просторен план треба да ги даде насоките за просторниот развој на државата со што ќе се овозможат бенефити за целокупното општество. Планот кој го изработува Агенцијата за просторно планирање, а во соработка со надлежни институции треба да понуди нов инфраструктурен концепт за развојот на Македонија, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на настанот по повод 20 години постоење на Агенцијата за просторно планирање.
– Македонија како природна крстосница меѓу Југоисточна и Централна Европа, има геостратешка важност која произлегува од положбата на коридорите Исток–Запад и Север–Југ, односно Коридорите 8, 10 и 10 – д. Понатаму близината на јужните пристаништа и улогата како транзитна земја за транспорт, енергија и трговијата. Гледаме во овие глобални предизвици колку е важно Македонија енергетски да се поврзува и во таа насока изградбата на интерконекторот кој не поврзува со Грција како и планираниот интерконектор со Србија, ќе значи дека Македонија ќе стане и енергетска раскрсница. А во меѓувреме интензивно се работи и на далноводно поврзување и со Албанија преку далноводот Охрид-Елбасан. Тука се автопатите, железничките поврзувања, логистичките центри, мултимодуларните јазли особено јазолот со вкрстувањето на коридор 10 со коридор 8, подобрување на меѓуграничната поврзаност и др. – рече Николоски.
Тој смета дека поради тоа неопходна е добра соработка со сите институции на изработка на тој документ кој ќе се почитува и со кој ќе се следи развојот на државата.
Николоски информира и дека се работи на изработка на софтвер за развој и управување со геопросторни податоци.
Директорот на Агенцијата за планирање на просторот Александар Гелевски вели дека имаат изготвено методологија за постапката и процедурата како ќе се носи.
-Во моментов, Агенцијата ги има предадено Нацрт-просторниот план. Се очекува планскиот период да биде до 2040 година. Во наредната година планираме да биде донесен Предлог-планот. Тој треба да помине во собраниска процедура и да се донесе. Просторен план се носи неколку години. Имаме изготвено методологија, за постапката и процедурата тоа како се носи. Во оваа фаза изготвена е само Нацрт-верзијата и таа е предадена на разработка во Министерството за животна средина и просторно планирање, изјави Гелевски на свеченоста на која Агенцијата одбележа 20 години постоење.












