Николоски: За развој на регионот, потребни се економска соработка, инвестиции и политики на просперитет

10

На земјите од Западен Балкан им се потребни силна економска соработка, повеќе инвестиции, поголема трговска размена, повеќе бизниси и тоа е нешто што ќе придонесе кон поголема демократија, просперитет, владеење на правото и заедничка соработка меѓу нас. Никој не веруваше дека во 21 век, на европска територија, ќе има војна, наместо да зборуваме за економија, зборуваме за војна. Ова е аларм за сите нас, истакна вицепремиерот Александар Николоски на Виенскиот економски форум.

Тој потенцираше дека перцепцијата од придобивките од членството во ЕУ е сè уште голема, но го истакна примерот со Македонија и нејзината неизвесност кон приклучувањето на Унијата. Додаде дека економската соработка е клучен фактор за стабилизација и за соработка меѓу државите.

Тој смета дека за развој на регионот, потребни се економска соработка, инвестиции и политики на просперитет.

– Може да видиме голем број луѓе што го напуштаат регионот. Ќе ви кажам еден мал пример: пред еден месец, имавме локални избори и некои општини немаат градоначалник, бидејќи не може да дојдат до цензус од 33 отсто излезност. Зошто? Најголем дел од луѓето не се тука, преселени се во централна или во западна Европа. Затоа мислам дека е важно да се фокусираме на економијата. Австрија игра огромна улога во регионот, многу австриски компании се присутни во регионот, работат добро, добредојдени се и мислам дека тоа е најдоброто што можеме да го направиме заедно – да носиме повеќе инвестиции, да имаме поголема размена, повеќе бизниси, кои мислам дека потоа ќе придонесат кон други работи што ги споделуваме: демократија, просперитет, владеење на правото и заедничка соработка меѓу нас – рече Николоски.

ИЗДВОЕНИ