Очекувам во декември да избереме изведувач за изградба на автопатите Скопје – Блаце и Кичево – Букојчани. Доколку дозволат временските услови веднаш ќе почне да се работи, доколку не, напролет ќе се работи, вели заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, говорејќи за динамика за изградба на автопатите на Коридор 8.
– Рокот за поднесување на понуди заврши, има поднесени доста понуди, заради тајност на постапката не можам да ја кажам бројката, но е доста голема. Има сериозни понуди и најмалку три од нив се во рамки на буџетот за Скопје – Блаце, а исто така има и три понуди за автопатот Кичево-Букојчани. Многу значајно за Скопје -Блаце е тоа што успеавме да го вратиме проектот во нормала. Она што ние го наследивме беше 27 милиони евра по километар, што мислам дека сите ќе се сложат дека е неодржлива работа. Сега го вративме во рамки на договорената цена со ЕБОР, таму имаме 166 милиони евра кредит и 30 милиони евра грант, тука влегува и изведба на градежните работи, надзор и техничка помош за ЈПДП. Очекувам во првата половина од декември да избереме изведувач и во зависност од временските услови да ги воведеме во работа и таму е брз рокот 2,5 години – истакна Николоски во вечерашното интервју за „ТВ Алсат”.
Вицепремиерот најави дека се работи на проект за реконструкција на обиколница Скопје, а исто така интензивно се работи и на останатите автопати на Коридор 8.
– Работиме проект за целосна реконструкција и рехабилитација на обиколницата на Скопје, која што оди од Арачиново кон Ѓорче Петров. Работиме на Тетово-Гостивар нов автопат, одлично оди динамиката. Таму имавме одредени проблеми со рушење на одредени објекти, но и тоа се решава, се експроприра земјиштето. Понатаму работиме на Гостивар-Букојчани популарната Стража, проект кој што за мене е лична гордост, затоа што е доста тежок и комплициран инженерски проект. Од 33 километри, колку што е целата траса, првите 17 километри се пробиени. Од пролет ќе почне да се работи од страната на Букојчани и ова ќе е прв автопат кој ќе се спојува на пола – потенцира вицепремиерот Николоски.
Тој исто така најави дека во прва половина на декември ќе се пуштат во сообраќај нови делници од автопатот Кичево – Охрид.












