Владата ја поддржа блокадата на товарниот сообраќај, а министерот Николоски предложи одложување на новиот ЕЕС- систем, зголемување на дозволениот престој во Шенген и воведување работни мултивизи за професионалните возачи.
Пратеникот Антонио Милошоски побара од кипарскиот амбасадор во Македонија, Андреас Фотиу, да се стави темата на дневен ред во Брисел. Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, ги коментираше протестите и истакна дека новиот ЕЕС-систем не носи суштински промени за правилата на престој

Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора денеска напладне почнаа координиран протест со блокада на главните гранични премини за товарен сообраќај кон земјите од Европската Унија. Причината е воведувањето на новиот електронски систем за влез и излез (ЕЕС) од Шенген-зоната и примената на правилото 90/180, според кое професионалните возачи од трети земји можат да престојуваат максимум 90 дена во период од 180 дена.
Протестот започна на повеќе премини во Македонија: Деве Баир, Делчево и Ново Село кон Бугарија, Дојран, Богородица и Меџитлија кон Грција, Ќафасан и Блато кон Албанија, како и Блаце кон Косово. Товарниот сообраќај е стопиран, додека патничкиот се одвива нормално. Направен е исклучок само за камионите со лекови, жива стока и со експлозиви. Организаторите најавија дека протестите може да траат до седум дена ако не се постигне решение со властите или со Европската Унија.
Билјана Муратовска, претседателка на асоцијацијата „Макамтранс“, објасни дека проблемот со правилото 90/180 не е нов, но станува критичен со зголемувањето на бројот на земји членки на Шенген-зоната на 29.

– Кога се воведе правилото, во Шенген беа пет држави и овие 90 дена не беа пречка. Сега се 29 земји, вклучително и Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн. Досега деновите се броеја рачно, а сега се воведува автоматско броење. Нашите возачи не треба да се третираат како туристи, туку да добијат посебни мултивизи за непречено движење – изјави Муратовска.
Таа потсети дека транспортерите од Македонија и од Балканот повеќе од две години алармираат за проблемот и бараат посебни визи што ќе овозможат неограничено движење, со што ќе се избегне ризикот од прекршување на правилото.
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, беше присутен на граничниот премин Блаце и ја искажа поддршката на Владата за протестот.
– Овој протест е предупредувачки. Превозниците сакаат да покажат што ќе се случува од 10 април натаму, кога ќе стапат на сила новите правила на ЕУ за електронска евиденција (ЕЕС) – рече Николоски.

Министерот предложи три можни решенија: одложување на примената на новиот ЕЕС-систем за превозниците, потоа зголемување на бројот на денови колку што можат да престојуваат возачите во Шенген-зоната од 180 на најмалку 250 дена, како и тоа професионалните возачи да не се третираат како туристи, туку да имаат можност за работни визи или исклучување од правилото, како што практикува Швајцарија. Николоски предупреди дека неприменувањето на овие мерки би можело да има сериозни последици за економијата на Македонија, регионот и на цела Европа.
– Би замолил да се размисли уште еднаш, оваа моќна порака испратена од земјите од Западен Балкан мислам дека гласно ќе одекне. Ние една година предупредуваме, зборуваме со претставниците на ЕК, но, за жал, досега немаа слух и мислам дека по ова ќе имаат слух и ќе најдат решение со цел да не запре македонската, регионалната, па и европската економија. Во петокот зборував со министерот за транспорт на Грција затоа што и тие се во оваа ситуација, бидејќи ако не се Македонија и Србија, и тие не може да извезуваат преку патен сообраќај. В среда ќе одам во Загреб да се сретнам со вицепремиерот и министер за транспорт на Хрватска, а ќе се обидам да комуницирам и со другите земји за да може и тие да направат дополнителен притисок за оваа ситуација – изјави вицепремиерот.
Стопанската комора на Северна Македонија ја критикува употребата на блокадите како метод за решавање на проблемот.
– Дури и еднодневно нарушување на протокот на стоки може да резултира со големи загуби за транспортните компании и на сите деловни субјекти вклучени во надворешнотрговската соработка. Најавените блокади, кои би траеле повеќе денови, носат ризик од колапс на синџирите на снабдување во целиот регион на Западен Балкан – истакнаа од Комората.
Оттаму нагласија дека Европската Унија е најважниот извозен пазар на Македонија, со над три четвртини од вкупниот извоз, и дека од стратешки интерес е да се обезбедат стабилност на синџирите на снабдување и непречен проток на стоки.

Протестот предизвика реакции и на политичката сцена. Пратеникот Антонио Милошоски побара од кипарскиот амбасадор во Македонија, Андреас Фотиу, да се стави темата на дневен ред во Брисел. Фотиу вчера ги претставуваше приоритетите на кипарското претседателство со ЕУ, но Милошоски истакна дека земјата не презема конкретни мерки за продолжување на преговорите со Унијата.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го критикуваше министерот Николоски, нарекувајќи го „независен аналитичар“, кој само предупредува за економски колапс без да преземе конкретни акции.
– Нашите граѓани и економија ќе го почувствуваат ограничувањето на движењето на превозниците. Над 60-70 % од нашата економија е поврзана со ЕУ, а граѓаните ќе го платат цехот за овие лоши владини политики – рече Филипче.
Портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт, ги коментираше протестите и истакна дека новиот ЕЕС-систем не носи суштински промени за правилата на престој.
– ЕЕС не воведува нови барања за престој. Овој систем служи за подобро и поефикасно спроведување на веќе постојните правила, а не за создавање бариери за работата на транспортните компании – рече Ламерт.
Тој додаде дека професионалните возачи со често преминување на границите веќе имаат флексибилност и дека системот само ја автоматизира евиденцијата на влез и излез, што треба да го олесни спроведувањето на правилата.
Слични блокади се одвиваат и во Србија, Црна Гора и во Босна и Херцеговина, а властите на некои премини привремено го ограничија влезот на тешки товарни возила поради најавите за протест. Превозниците предупредуваат дека доколку не се постигне решение, протестите ќе продолжат во текот на целата недела, на сите гранични премини на Западен Балкан.
Протестот има цел да алармира за последиците од примената на ЕЕС од 10 април 2026 година и да ги поттикне властите и Европската Унија на трајно решение, кое ќе ги зачува непречениот меѓународен транспорт и економската стабилност на регионот.
(С. Бл.) – Фото: Петр Стојановски












