Утре, во Лондон, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, ќе го потпише договорот за стратешко партнерство со Велика Британија, со што Македонија станува првата земја од Балканот со таков договор со Обединетото Кралство, на кој потпис ќе стави Герет Томас, министер за услуги, мали бизниси и извоз во Министерството за бизнис и трговија. Договорот вклучува финансиска рамка од 5 милијарди фунти, односно 6 милијарди евра.

Условите под кои ќе ги добие Македонија финансиските средства од Обединетото Кралство сè уште не се откриваат, но македонската Влада очекува да донесе „инвестициска револуција во земјата“ преку изградба на пруга, автопатишта, болници и студентски домови.

Согласноста за стратешко партнерство беше постигната на средбата на премиерот Христијан Мицкоски со британскиот колега, Кир Стармер, на маргините на самитот во Тирана, на 16 мај годинава.

– Македонската јавност ќе има сè на увид и за секој цент што ќе биде потрошен од стратешкиот договор со Обединетото Кралство. Ние, во Парламентот, нема да носиме никаков закон на шверцерски начин, со злоупотреба на европското знаме, како што правеа тие. Нема да класифицираме документи. Напротив, ќе ѝ биде јасно на македонската јавност што ќе потпишеме, под кои услови, кои се цените по кои ќе се гради, кои се компаниите што ќе го градат сето тоа. Немаме намера да скриеме ниту милиметар информација што им е потребна на граѓаните – изјави Мицкоски.

Со 6 милијарди евра ќе се поддржат инфраструктурни проекти во здравството, транспортот, технологијата, енергетиката, дигиталната трансформација и во другите критични сектори. Планираните проекти, како што најави министерот Николоски, се изградба и реконструкција на железничкиот Коридор 10 од Табановце до Гевгелија, за кој се проценува дека ќе чини до две милијарди евра, а околу 200 милиони евра би чинела изградбата на клиничката болница, медицинскиот факултет и студентскиот дом во Штип, целосната реконструкција на Клиничката болница во Тетово, како и изградбата на нова болница со нов здравствен дом во Кичево.

Договорот потоа треба да биде ратификуван во македонското Собрание.

Во владината делегација се и потпретседателот на Владата и министер за животна средина – Изет Меџити, министерката за образование – Весна Јаневска, директорот на ЈП за „Македонски железници – Инфраструктура“ – Синиша Ивановски. Според агендата, владината делегација требаше да се сретне со Дејм Анџела Игл, министер за гранична безбедност и азил во британското Министерство за внатрешни работи, со одговорност за справување со нерегуларната миграција, а беа најавени средби и со претставници од Инструментот за финансирање. Беше предвидено Николоски да оствари средба и со директорот на авиокомпанијата „Рајанер“, од каде што очекува да произлезат и нови летови кон Скопје.

ИЗДВОЕНИ