Николоски: Од утре почнуваат 11 нови директни летови од скопскиот и од охридскиот аеродром

111

Единаесет нови директни летови од скопскиот и охридскиот аеродром почнуват од утре, со новиот зимски распоред на летови на аеродромите, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Според него, новите дестинации се резултат на политиките на Владата за привлекување авиолинии.

„Од Охрид ќе се лета кон Базел-исклучително важна дестинација бидејќи Охрид го отвораме не само за туристите од Швајцарија туку и за туристите од Франција и Германија, затоа што ова е таканаречениот европски аеродром што ги спојува овие три држави. Од Скопје ќе се лета кон Стокхолм на главниот аеродром, ќе се лета за Штутгарт, за Бари, Ларнака-Кипар и сето тоа започнува од утре 27 октомври,“ информира Николоски.

Од 3 ноември ќе се лета и кон Женева, која според Николоски е исклучително значајна дестинација , затоа што покрај туристи, се очекува да донесе и бизнисмени во Скопје. Се воведува и лет за Мадрид, а од 15 декември кон Прага и Келн.

„Ако на ова додадеме дека од април ќе се лета кон Будимпешта и Неапол, ова е целосната слика што ја прави Владата за да привлече нови авиолинии кои што се субвенционирани за оние кои што доаѓаат во Охрид и Скопје, затоа што субвенциите се наменети за патник во доаѓање. Ваква револуција во авиосообраќајот не е видена со децении и затоа ова е најдобар поттик да работиме во следниот период. Расте бројот на патници на скопскиот и на охридскиот аеродром, расте бројот на туристи во Македонија и вака ќе продолиме да ја развиваме Македонија“, рече Николоски.

Викендов почнува зимскиот распоред на летови за 2025/26 година. Од скопскиот меѓународен аеродром ќе има поврзување до 49 редовни дестинации што ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании, како и 13 чартер-дестинации на кои ќе сообраќа една авиокомпанија. Од аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, пак, се предвидени пет дестинации, на кои ќе сообраќаат три авиокомпании.

Скопскиот и охридскиот аеродром во првите девет месеци од годинава опслужиле 2 585 096 патници, што е зголемување од шест отсто во споредба со истиот период лани.

Преку скопскиот Аеродром се превезени 2 375 264 патници, што е за 5,4 отсто повеќе од минатата година, а аеродромот во Охрид има двоцифрен пораст од 16,2 отсто со 209 832 превезени патници.

Има зголемување и на бројот на летови, за три отсто во споредба со минатата година, односно на двата аеродрома се опслужени 20 141 лет.

ИЗДВОЕНИ