Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски ја предводеше владината делегација која по повод 11 Октомври положи цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифовски Питу, споменикот Жена борец и пред Могилата на непобедените.
– Овој ден треба и да не’ потсети зошто го славиме. Не смееме да заборавиме зошто беше кренато востанието, против кого беше кренато и против чија идеологија беше кренато востанието. Јасно е дека Македонија беше под окупација, а не под администрација, јасно е дека имаше силна Народноослободителна борба, а не идеолошка борба помеѓу левичари и десничари и помеѓу комунисти и ројалисти, туку јасна национална борба на македонскиот народ за народноослободување. Не случајно партизанските одреди ги носеа имињата на илинденците и на врвните дејци на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, така што 11. Октомври е континуитет на 2. Август, ако го немаше 2. Август, немаше да го има ниту 11. Октомври, а ако го немаше 11.Октомври, немаше да го има 8. Септември 1991 година, рече Николовски.
Според него, македонскиот народ има свој историско-политички континуитет и јасна културолошка и јазична посебност, која што е негирана, особено од нашиот источен сосед.
– Нешто на кое треба остро да се спротивставиме и да држиме до она што се основни принципи на македонската државност, порача Николоски.