Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска беше присутен на граничниот премин Блаце по најавата на транспортните превозници за блокада. Тој искажа поддршка за протестот, оценувајќи дека станува збор за предупредувачки протест со цел да се пронајде решение пред 10 април, кога новите правила на ЕУ за електронска евиденција (ЕЕС) стапуваат на сила.
– Причината зошто сум денеска тука е да искажам поддршка во мое име и во име на Владата. Овој протест е предупредувачки. Превозниците сакаат да покажат што ќе се случува од 10-ти април натаму. Сметам дека е навремено со цел да се искористат месеците февруари и март и земјите-членки на Шенген зоната да изнајдат решенија – рече Николоски.
Министерот предложи три возможни решенија за справување со проблемот: одложување на примената на новиот електронски систем за превозниците, зголемување на бројот на денови кои превозниците можат да ги поминуваат во Шенген зоната – од сегашните 180 на најмалку 250 денови, соодветно поделено во циклуси. Како и тоа професионални возачи и превозници да не се третираат како туристи, туку да бидат третирани според нивниот професионален статус, со можност да бидат исклучени од овие правила или да се регулира нивниот транзит со работни визи, како што моментално го практикува Швајцарија.
Николоски предупреди дека неприменувањето на овие мерки би можело да има сериозни последици за економијата на Македонија, регионот, но и на цела Европа.












