Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, утрово во Загреб оствари работна средба со потпретседателот на Владата на Република Хрватска и министер за поморски работи, транспорт и инфраструктура, Олег Бутковиќ, на која беше потврдена одличната билатерална соработка меѓу двете земји.
Во фокусот на разговорите меѓу двајцата вицепремиери се најде проблемот со кој се соочуваат транспортерите по воведувањето на новиот систем за електронска евиденција во земјите од Шенген зоната. Вицепремиерот Николоски истакна дека станува збор за суштински предизвик кој не се однесува само на македонските превозници, туку го засега целиот транспортен сектор во регионот на Западен Балкан.
Тој посочи дека проблемот има и пошироки економски импликации, бидејќи ги погодува и компаниите од Европската Унија кои инвестирале во регионот и кои се силно извозно ориентирани кон европските пазари. Во таа насока, Николоски побара силна поддршка од Владата на Хрватска за изнаоѓање соодветно и одржливо решение на ниво на Европската Унија, со цел олеснување на работењето на македонските и регионалните превозници.
На средбата беше отворено и прашањето за унапредување на соработката во транспортниот сектор, со посебен акцент на железничкиот транспорт. Разговарано е за можностите за набавка на нови возови и локомотиви, како и за модернизација на возниот парк за потребите на МЖ Транспорт.
Дополнително, двајцата вицепремиери ја разгледаа можноста за продлабочување на економската и трговската соработка меѓу Македонија и Хрватска, со фокус на реализација на инфраструктурни проекти и потенцијално учество на специјализирани хрватски компании во нивната имплементација.
На средбата беше потенцирана и важноста од континуирана и силна поддршка за Македонија во евроинтегративните процеси, при што соговорниците се согласија дека интензивирањето на економската и секторската соработка претставува заеднички интерес за двете земји.
Во рамки на денешната работна посета на Загреб, вицепремиерот Николоски ќе оствари средби и со претседателот на Стопанската комора на Хрватска, претставници на бизнис-заедницата, како и со пратеници во Собранието на Република Хрватска.












