Македонија и САД се стратешки партнери, кои ќе продолжат да работат на јакнење на економските врски и спроведување на суштинските реформи, заклучија заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и амбасадорката на САД, Ангела Агелер, на денешната средба во Министерството за транспорт.
Николоски истакна дека одличните билатерални односи поттикнуваат економска соработка и дека подобрувањето на деловната клима останува стратешка цел за забрзан економски и општествен развој во сите региони на земјата. „Економската соработка со САД континуирано расте благодарение на спроведувањето на реформите кои ја зголемуваат довербата на граѓаните и инвеститорите“, рече вицепремиерот.
На средбата беше разговарано за напредокот во реализацијата на проектите на Коридорите 8 и 10, како и 10-д, при што беше истакната посветеноста на Македонија на доизградба и модернизација на овие стратешки регионални инфраструктурни проекти. Николоски потенцираше дека вклученоста на американски компании во нивната реализација е од големо значење за пренос на знаења, технологија и добри практики кај домашните компании, како и за успешна реализација на капиталните проекти.
Средбата исто така ја потврди силната поддршка на САД за демократските процеси, структурните реформи, владеењето на правото, борбата против корупцијата и процесот на пристапните преговори за членство во Европската унија.
Во своето обраќање, Николоски изрази благодарност до амбасадорката Агелер за личниот ангажман и поддршката што ја овозможуваше во текот на својот мандат како искрен пријател на Македонија.
– Пријателството и партнерството меѓу нашите земји ќе продолжи во континуитет, преку заедничка посветеност на демократските вредности и спроведувањето на суштинските реформи – заклучија Николоски и Агелер.












