Никола Станишиќ од Македонија е победник на балканското музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“ за 2025 година. Тој ја доби најголема поддршка од публиката ( 138.714 гласови) на големото финале кое започна вчера, а се одвиваше до раните утрински часови.
Вкупно 20 кандидати влегоа во финалето на популарното натпреварување, а првите тројца финалисти беа: Зоран Ружиќ Ферари (трето место), Елвис Мешиновиќ (второ место) и нашиот Никола Станишиќ.
За оние што не знаат или не се во тек, Станишиќ е роден во 2000 година, има завршено гимназија, живее во Скопје и веќе настапува со својот бенд и надвор од Македонија.
Неговите интерпретации на македонските песни во „Ѕвездите на Гранд“ ја одушевија публиката од Вардар до Триглав, а особено беше одушевена балканската пејачка ѕвезда Цеца Ражнатовиќ која беше негова менторка низ целото шоу. Таа дури стана и заигра македонско оро, велејќи дека македонската музика ѝ е многу блиска и мила.
Победата со многу емоции и солзи во очите Никола Станишиќ ја прослави на сцена со песната „Бисер балкански“.
Да се потсетиме, во претпоследната емисија, сите во екипата на Никола беа облечени во македонски народни носии. Свиреа на зурли и на тапани и направија вистинско шоу, вистински спектакл. Никола се качи на тапаните и ја запеа познатата песна „Ќе ти дојдам вечер“ од репертоарот на популарниот македонски фолкер и водител на „Везилка“, Спасен Силјаноски.
На финалната вечер, пак, тој ја пееше „Ако утре ме нема“ на дуото ДНК и ја посвети на жртвите од големиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Инаку, покрај признание и статуетка, тој беше награден и со автомобил „Фиат“, како и комплетен маркетинг што ќе му помогне во понатамошната кариера.
– Им благодарам на мојата Македонија и на мојот ментор – кажа Никола на осумнаесеттата сезона на „Ѕвездите на Гранд“.
Но, и другите финалисти не останаа со празни раце – сите добија специјални награди со името на Саша Поповиќ како траен потсетник за нивното учество во големото финале.