Познатиот македонски актер и првенец на Македонскиот народен театар, Никола Ристановски, е награден со „Златна арена“ на филмскиот фестивал во Пула. Тој го доби ова престижно признание за споредната машка улога во малцинската копродукција „Меѓу боговите“, во режија на Вук Ршумовиќ.

Во филмот Ристановски глуми преведувач од фарси (персиски), кој работи како преведувач за бегалците од Истокот.

Како што изјави актерот за време на работата на филмот, сценариото на Ршумовиќ е прекрасно, а работата на него била специфична. За да ја подготви улогата му биле дадени 40 дена, период за кој работел исклучително напорно.

За својата улога во филмот „Меѓу боговите“, Ристановски зборуваше и во интервју за српски НИН. Филмот веќе ја имаше својата премиера на фестивалот во Сараево.

– Многу вредна и прекрасна работа. Мојата улога (на преведувач) е една од оние што им помага на протагонистите, им дава поддршка да ја артикулираат целата приказна, што ми беше исклучително важно професионално. Приказната е многу моќна, се работи за модерната Антигона, жена што не може да го погреба својот брат. Станува збор за бегалците, што е голема тема на нашето време… Не смееме да заборавиме дека овие луѓе имаат имиња и презимиња, биографии, особености, свој поглед на светот… рече меѓу другото Ристановски.

Македонската публика ќе го види филмот на четвртото издание на Фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ што ќе се одржи од 7 до 12 август во Дојран.

ИЗДВОЕНИ