Најдобриот црногорски кошаркар, Никола Вучевиќ, моментно е член на Чикаго во НБА-лигата и е еден од најдобрите, но не би било ништо од ова доколку една несреќа од пред 20 години имала сосема поинаков епилог.

Пред две децении, неговиот живот можел да заврши во ужасна несреќа. Се случила страшна железничка несреќа во близина на Биоч, десет километри од Подгорица, на патот кон Колашин, на 23 јануари 2006 година. Воз излетал од шините, 47 животи згаснале, а преживеал 15-годишниот Никола Вучевиќ. Откако удрил вагонот од карпа, тој, по чиста среќа и Божја волја, минал само со полесни повреди.

  • Секој пат кога ќе видам воз, мислам на таа несреќа. Имав голема среќа. Беше застрашувачки. Во тие моменти не знаев дали ќе преживеам. Сега го гледам животот од сосема поинаков агол, го ценам многу повеќе и не го земам здраво за готово. Во возот владееше општа паника. Се обидовме да ја повлечеме сопирачката за итни случаи. Кога почнавме да се спуштаме надолу, беше јасно дека не е нешто во ред. Наместо да се движи со 50 километри на час, возот се движеше со над 100 километри на час, пребрзо… – се присети Вучевиќ на трагедијата во интервју за американскиот „Орландо сентинел“.

Никола рече дека тој и неговиот татко биле во првиот или во вториот вагон кога излетал возот од шините. По ударот, нивниот вагон се стркалал по карпата и чудесно застанал на тркалата, додека другите вагони се превртеле.

  • Не знам колку долго лежев таму. Бев исцрпен, ме болеа рамената и имав неколку исеченици. Кога се освестив, првото нешто на што помислив беше мојот татко. Кога видов дека е добро и дека им помага на другите луѓе, камен ми падна од срцето. Застанавме на само неколку метри од Морача. Имаше бездна од над 30 метри и немаше шанси да го преживееме тој пад – се присети Вучевиќ.

Конечно, тој, исто така, нагласи дека останале траумите засекогаш.

  • Тоа е нешто што никогаш нема да го заборавам – заклучи Никола Вучевиќ.

 

ИЗДВОЕНИ