Музичарот Никола Перевски-Пере, познато звучно име од македонскиот рок-бенд „Нокаут“, има голема причина за славење. Тој деновиве навистина славеше. Неговата ќерка Михаела, нагалено Миа, која ја доби во бракот со првата сопруга, Александра Спировска, дипломираше. Таа сега официјално е дипломиран аудиоинженер. По тој повод, Пере, како грижлив татко, е разнежен. Се пофали на социјалните мрежи со успехот на својата ќерка. Објави неколку фотографии на кои таа го брани дипломскиот труд, а потоа позира со букети цвеќиња во рацете.

Покрај тие фотографии, Пере напиша и нешто како песничка со која ѝ честиташе за успехот: – Не ја учев да биде тивка. Ја гледав со слушалки на глава и со срце што пулсира во ритам. Не од ова време, не од овој шум. Денес е дипломиран аудиоинженер на University of Audiovisual Arts – ESRA. Релацијата Скопје – Париз – Њујорк – од соништа до диплома. Таа не го слуша светот, таа го снима. Мојата ќерка Миа, мојот најдобар звук – беа искрените емоции на Пере.

Инаку, да појасниме дека убавата Миа е придружен вокал на неговите настапи, а пред некој месец запеа и на свадбата на мајка си.

Талентираниот Пере е роден во Скопје, во 1987 година, а музиката е негова животна определба повеќе од 20 години. Своето музичко образование го започнал во нижото музичко училиште во Скопје, кога имал само пет години. Оттогаш музиката не престанува да биде негова главна преокупација. Средно музичко завршил во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, а студирал аудиопродукција на електронска музика и композиција на угледниот САЕ Институт во Барселона, Шпанија.

Како продуцент, композитор, пејач, инженер на звук и мултиинструменталист, тој компонира успешна музика за албуми, реклами и за филмови. Има сопствено студио за снимање, миксање, мастеринг и продукција на албуми од разни музички жанрови.        Ќерката Миа-Михаела е и негов постојан музички соработник. Снимија заедничка песна, насловена „Месечевиот рај“. Музиката за песната ја напиша тој, а аранжманот го направи заедно со неа. Текстот е дело на Дуке Бојаџиев, а постпродукцијата на Дарко Димитров.

Во слободно време, кога не е со музиката, Пере е често со тенисот. Го обожава овој спорт, па многумина може да го забележат како игра тенис, не само рекреативно. Засега има скромни амбиции да постигне некој успех во тенисот. Зошто да не?  Човекот си го сака животот, впрочем како што пее во онаа победничката,              Мак-фестовска песна „Сакам да живеам“.

– Во тие зборови на песната „Сакам да живеам“ се содржани последните неколку настани од мојот живот. Секој збор во нив има симболика и отсликува реални сцени. Песната помина низ многу различни фази и се менуваше како што, всушност, ми се менуваше животот – зборуваше Пере.

Вели дека од самиот почеток знаел дека сегашнава втора сопруга, Јована, е љубовта на неговиот живот. Долго време беа разделени, тогаш додека живееше и студираше во Барселона, но честопати доаѓаше во ситуација да го „фати“ првиот авион само за да ја види Јована. Признава дека е пресреќен што ја обновиле врската и што создал среќно семејство со неа. Пере сега има четири горди ќерки. Тоа богатство не се споредува со ништо, а најмалку со пари. Таа љубов, меѓу татковците и ќерките, е безвремена.

Ќерките Миа и Каја му се од првиот брак, а другите две, Ирис и Софија, од вториот брак со сопругата Јована. Ирис е четврта среќа за фронтменот на музичката група „Нокаут“, Никола Перевски-Пере. Тогаш кога му се роди малата Ирис, тотално се разнежи – до непрепознавање:

– Ирис се роди! Ваистину се роди! Уште едно трилече – објави гордиот татко на „Инстаграм“ и сподели фотографија од новородената, четврта ќерка.

(Д. M.) фото: Инстаграм-ФБ

 

 

ИЗДВОЕНИ