Екипата на Денвер нагетс полека го склопува ростерот за следната натпреварувачка сезона, а последни имиња што пристигнаа во неа се Кам Џонсон и Тим Хардавеј Јуниор.

Тимот од Колорадо, конечно, се ослободи од големиот договор на Мајкл Портер Јуниор и сега сака да доведе играчи што ќе му „го чуваат грбот на Никола Јокиќ“. Џонсон и Хардавеј спаѓаат во таа категорија и се чини дека се подготвени за нови предизвици и во текот на една прес-конференција ја споменаа и првата ѕвезда на Денвер.

  • Искрено, многу е важно што повеќе го немаме Никола Јокиќ како противник, бидејќи тој е проблем. Тој е, едноставно, проблем. Тоа е тоа. Точка! – рече Кам Џонсон.

Тоа го потврди и Хардавеј Јуниор:

  • Тој може да додава, може да скока, може да постигнува поени. Не знаете што да очекувате од него, во каков режим е.

Џонсон беше доведен преку размена со Бруклин. Нагетс го испрати Мајкл Портер Јуниор и избор од првата рунда во 2032 година за да го доведе искусниот ас, кој минатата сезона имаше просек од 18,9 поени, 4,3 скока и 3,4 асистенции. Хардавеј беше доведен како слободен агент откако се раздели со Детроит, додека претходно играше за Далас, како соиграч на Лука Дончиќ.

Покрај нив двајца, Денвер го врати и Брус Браун, клучен играч во освојувањето на историската титула во 2023 година. Еден од милениците на навивачите често даваше изјави за тоа колку му недостига играњето во Денвер, па клубот му ја исполни желбата штом се создадоа услови и откако сфати дека нема да биде толку ефикасен на ниту едно друго место во НБА, освен онаму каде што би бил со Јокиќ.

Најзначајна размена беше онаа за Литванецот Јонас Валанчијунас, кој пристигна од Сакраменто, додека хрватскиот интернационалец Дарио Шариќ беше испратен во спротивна насока. Сепак, неговиот статус е сè уште неизвесен, бидејќи постои можност да потпише за грчкиот тим Панатинаикос, кој му нуди 12 милиони евра за три сезони.

ИЗДВОЕНИ