Српскиот репрезентативец и трикратен МВП на НБА, Никола Јокиќ, е најплатениот кошаркар кој ќе игра на претстојното Европско првенство.
Угледниот кошаркарски портал „Баскет њуз“ објави листа од 15 кошаркари од Евробаскетот кои имаат највисоки плати за следната сезона, а Јокиќ е на првото место со плата од 55,2 милиони долари.
Веднаш зад Сомборецот е суперѕвездата на Милвоки и грчката репрезентација Јанис Адетокумбо, кој ќе инкасира 54,1 милиони следната сезона, а третото место го зазема ѕвездата на Финска – Лаури Марканен со 46,4 милиони.
Интересно е што Лука Дончиќ е зад Марканен со 46 милиони, а меѓу првите пет е и Германецот Франц Вагнер со 38,7 милиони.
Алперен Шенгун е на шестото место, а по него се Кристапс Порзингис, Никола Вучевиќ, Јусуф Нуркиќ и Санти Алдама. На листата се наоѓаат и капитенот на Србија, Богдан Богдановиќ, кој ја зазема 11 позиција со плата од 16 милиони долари, а под него се Дени Авдија, Денис Шредер, Закари Рисаше и Алекс Сар.