Измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност за мали пратки се, најблаго речено, многу коректни за бизнис- заедницата и за граѓаните и никого нема да удрат по џебот, а во буџетот ќе се слеат дополнителни средства, оцени директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Тој, како што рече, не очекува дека ќе се намали онлајн купувањето поради овие законски измени.
Со измените и со дополнувањата на Законот за ДДВ што ги усвои Собранието минатиот месец и треба да стапат во сила, се укинува ослободувањето од ДДВ за пратките нарачани онлајн во вредност до 22 евра.
– Со измените, исто така, што е многу битно, земјава целосно ќе се усогласи со легислативата во ЕУ по овој основ – рече Николовски.
Според него, анализите покажуваат дека не се очекува драстично намалување на купувањето онлајн и дека ќе се зголеми наплатата во буџетот.
Николовски денеска информира и дека кумулативно, од почетокот на годината, Царината наплатила 119,9 милијарди денари приходи или 1,95 милијарди евра, што е 4,7 % раст или близу 87 милиони евра повеќе од лани.
Раст е забележан по сите основи, 15,1 % од царина, 3,2 % од ДДВ при увоз, речиси 11 % од данок на моторни возила и 4,6 % од акциза.












