вторник, февруари 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Никој не знаел колку лекови има и кој има право на терапија

Никој не знаел колку лекови има и кој има право на терапија

Продолжува судењето за поранешните директори на Онкологија, сведочеше преставник на ДЗР

258

На судењето за случајот „Онкологија“ 2, за злоупотреби на буџетот на клиниката,  сведочеше претставник на Државен завод за ревизија, кој објасни дека на Клиниката за радиотерапија и онкологија со години имало неправилности во финансиското и материјалното работење.

Посебно загрижувачки, како што истакна, бил начинот на кој се планирала и делела биолошката терапија – еден од најскапите и најчувствителни сегменти во онкологијата. Наместо одлуките да се носат од стручен колегиум на лекари, планот за набавка се правел само според тоа колку лекови биле трошени во минатото. Со други зборови, никој сериозно не анализирал колку пациенти навистина има, каква терапија им е потребна и дали клиниката има доволно лекови за сите. Ревизорот посочи и дека постоеле разлики меѓу тоа што аптеката на Клиниката го евидентирала како издаден лек и тоа што организациските единици пријавувале дека го примиле. Причината за тоа била што дел од биолошката терапија се набавувала „на реверс“ – без договор и без утврдена цена – па во евиденцијата лековите влегувале без финансиска вредност.

Во 2021 година, како што сведочеше, лекарите одлучувале кои пациенти ќе добијат биолошка терапија, а одобрение давал медицинскиот директор, без притоа да се знае дали има доволно лекови за сите пациенти на кои им била препишана терапијата. Ова, според Државниот завод за ревизија, отвара сериозен ризик од селективен пристап – некој да добие терапија, а некој не, без јасни и еднакви критериуми.

Дополнително, на Клиниката воопшто немало усвоени медицински протоколи или правила кои би определиле кој пациент има право на биолошка терапија и под кои услови. Тоа, според сведокот, е спротивно на законите и создава нееднаквост меѓу пациентите. Ревизорот откри и дека во 2021 година се набавувала биолошка терапија иако постапката за јавна набавка сѐ уште не била спроведена од Министерството за здравство. Бидејќи за многу од тие лекови постои само еден продавач со ексклузивно право, терапијата се земала без тендер, а фактурите се издавале дури подоцна.

Според сведочењето, ваквиот начин на набавка го нарушува принципот на конкуренција и остава простор за злоупотреби, иако ревизорите не навлегувале во прашањето дали терапијата била неопходна за пациентите.

Сведокот кажа дека при редовниот попис воопшто не било јасно со што располага Клиниката. Дел од објектите, возилата, опремата, нематеријалните средства, па дури и лековите и медицинскиот материјал не биле точно опишани, ниту правилно заведени. Во многу случаи недостасувале и податоци за вредноста на средствата, а физичката состојба на тоа што реално постои не била усогласена со сметководствените книги. Практично, ревизорите не можеле со сигурност да кажат што точно има Клиниката, колку вреди тоа и дали финансиските извештаи ја прикажуваат вистинската состојба. Токму поради тоа, според сведокот, финансиските извештаи биле недоверливи.

Во случајот „Онкологија 2“, поранешните директори Нино Васев и Нехад Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.

ИЗДВОЕНИ