Советниците во Град Скопје денеска не гласаа на вонредна седница да се разговара за дивоградбите во општина Чаир. Градоначалничката на Град Скопје преку „Фејсбук“ му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски и побара од него да постапи по нејзините наводи за дивоградбите во општина Чаир која таа ги обелодени. Таа го обвини Мицкоски дека дозволил Висар Ганиу и Ејуп Адеми на секој можен начин да се обидат да ја заплашат, да ѝ се закануваат, за да се повлече од разоткривање на криминалот кој е фатен во Скопје и оти го брани Ганиу, наместо да го апси
Градските советници денеска не ѝ дадоа можност на скопската градоначалничка, Данела Арсовска, да ги образложи наводите за дивоградбите што ги откри на територијата на општина Чаир. Откако се изјаснија дека постојат оправдани причини за свикување на вонредната седница, која беше побарана од советниците на СДСМ, советниците беа против двете точки ставени на дневен ред и тоа: Информацијата за ситуацијата со дивоградбите во општина Чаир и во останатите општини на град Скопје, како и Информацијата за преземените активности на Град Скопје во врска со евидентираните дивоградби во општина Чаир и во останатите општини на град Скопје, по што назначениот привремен претседавач на Советот на Град Скопје, до избор на нов, Никола Пановски ја прекина.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска вчера со фејсбук-статус му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски и побара да се расчистат случаите со дивоградбите во општина Чаир која таа ги обелодени бидејќи како што истакна „досега никој од институциите не реагирале“.
– Мицкоски, денес ти се обраќам како жена, како човек, како градоначалник. Ги спречуваме дивоградбите на Ганиу повеќе од три години, враќаме документи и постапуваме, никој институционално не реагира – истакна Арсовска.
Таа јавно го праша премиерот зошто не се справува со криминалот што го прави ДУИ и го потсети дека Ганиу, Меџити и Адеми се на власт како функционери на ДУИ повеќе од 20 години.
Нагласи дека 150. дивоградби во Чаир, Град Скопје ги спречил незаконски да се легализираат и за тоа известиле во 2023, 2024 и 2025 година, во време кога Висар Ганиу прво бил во ДУИ, а потоа преминал во ВЛЕН.
Притоа, го повика Мицкоски да постапи.
– На Висар Ганиу никој не му е крив што му текнало на 20 март 2025 година да прави фалсификати за да ги запишува нелегално дивоградбите со кривично дело во Катастар на недвижнини. Го фативме со криминалот и наместо институционално да нè заштитиш, ти го браниш – му се обрати Арсовска на премиерот. Таа го обвини Мицкоски дека дозволил Висар Ганиу и Ејуп Адеми на секој можен начин да се обидат да ја заплашат, да ѝ се закануваат, за да се повлече од разоткривање на криминалот кој е фатен во Скопје и оти го брани Ганиу, наместо да го апси.
Арсовска нагласи дека нема да се повлече и покрај заканите бидејќи има докази.
Од МВР вчера информираа дека СВР го расчистува случајот по наводите на Арсовска дека од бел „мерцедес“ ѝ се заканувало лице кога во неделата на булевар „Словенија“ затекна диво приклучување на атмосферската канализација.
Имено, на 02.06.2025, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со лицето С.А.(39) од Скопје, по пријава дека на 01.06.2025 на булевар „Словенија“ преку отворен прозор на возилото „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, упатил закани кон градоначалничката на Град Скопје. Во разговорот тој потврдил дека поминал со возилото, но дека не упатил закани. Исто така, тој изјавил дека се обидел да снима со телефон, но не успеал.
– Известен е јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава – потенцираат од МВР.
Оттаму соопштија и дека СВР Скопје поднело и прекршочна пријава за нелегален приклучок од фекална во атмосферска канализација на булеварот „Словенија“.
– СВР Скопје изврши увид на булевар „Словенија“ во врска со пријавата за нелегален приклучок од фекална во атмосферска канализација за потребите на објект сопственост на правно лице од село Глумово, општина Сарај. Притоа, е констатирано дека на булеварот е извршен наведениот ископ, по што од Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје кон правното лице и одговорното лице во правното лице се преземени соодветни мерки и поднесена е прекршочна пријава согласно со член 14 од Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата – децидни се од МВР.
Тошковски за Арсовска рече дека прави циркус и парада пред локални избори
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во врска со повиците на градоначалничката Данела Арсовска органите да постапат за дивоградбите во Чаир, како и за заканите по живот што ги добива, вели дека МВР и Обвинителството реагираат по однос на секоја пријава кон кого и да е. Во однос, пак, на работата на градоначалниците за тоа што е дозволено, а што не, со закон да се гради, вели дека добро е тоа да го прават цел мандат, а не само пред избори.
– Ова што го гледа македонската јавност е исклучиво само циркус и парада пред локални избори. Да беше во рамки на првите година дена, ќе беше за поздрав, и ќе беше навистина искрено, го препознава народот тоа, овој народ препознава кога нешто е искрено и препознава кога нешто е заради циркус. Овде ние не говориме за желба да се стави ред во Македонија, овде говориме за парада и циркус, а МВР ќе постапи според неговите надлежности како што постапувало и секогаш досега – наведе Тошковски.
(А.П.) Фото: (П.С.)