понеделник, јануари 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „Никој не ни кажуваше каде да одиме, се спасувавме сами “

„Никој не ни кажуваше каде да одиме, се спасувавме сами “

Со болни сеќавања од кобната ноќ на 16 март, продолжи судењето за пожарот во „Пулс“

313

Преживеаните од пожарот во „Пулс“ раскажаа како настанало стампедото од распаметените гости, дека немало кој да ги упатува присутните и дека секој се обидувал сам да се спаси. Потврдија дека во дискотеката имало многу малолетници, дека пиротехника се користела и претходно и дека за евакуација немало јасно означени излези. Иако полицијата била присутна пред избувнување на пожарот, забавата не била прекината,  координација изостанала кога било најпотребно.

Во тензична атмосфера која е продолжение од саботниот „марш на ангелите“ во Кочани и вознемиреност предизвикана од стравотните аведочења на преживеаните од пожарот во дискотеката „Пулс“, продолжи судењето против 35 обвинети. Рочиштето почна со предупредување од судијката Диана Груевска Илиевска до  родителите на загинатите да го почитуваат редот во судницата и да не дофрлаат, по јавните обвинувања меѓу нив и Ивана Коцевска, бранителка на првообвинетиот Дејан Јованов Деко, сопственикот на „Пулс“.

Адвокатката Коцевска побара на следното нарушување на редот во судницата, јавноста да биде исклучена, а судијката ги предупреди семејствата доколку се случи уште едно нарушување на редот, ќе ги исклучени од судењето – „сите обвинети се сметаат за невини додека не се донесе конечна судска пресуда“, предупреди Груевска-Илиевска.

Тензија меѓу адвокатката и родителите настана откако на протестот беше носен постер со ликот на жена која наликува на Коцевска, таа обвини дека се злоупотребува нејзиниот лик , а тие оти самата се препознала во сликовитата порака. Родители и блиски на загинатите во пожарот на протестот во саботата носеа транспаренти на кои беше прикажана таа како со куфери со пари е во светот на покојните, а до неа стои митска персонификација на ѓавол или ангел на смртта, кој, според написот на транспарентот, ѝ вели: „Пари овде не ти се потребни“.

На судењето кое се одржува во специјализираната судница во КПУ Идризово, сведочеа преживеани од страотниот пожар . Со скршен глас од болката на сеќавањата, младиот Кристијан Панов во судницата ја раскажа ноќта што засекогаш му го смени животот. Ноќта во која, на една излезена цигара, тој преживеал, а неговиот помал брат Андреј – не. Кристијан таа вечер бил повикан на испомош како келнер во дискотеката „Пулс“. Без договор, без пријава – како и многумина други, за дневница од 1.500 денари. Андреј, неговиот брат, работел како шанкер. И тој без договор, за 2.000 денари.

За време на концертот на музичката група ДНК, Андреј бил зад шанкот. Кристијан пристигнал околу 2.20 часот, се приклучил на друштвото на пријател кој славел роденден. Неколку минути подоцна, решил да излезе надвор, да запали цигара, без да претпостави дека внатре веќе почнува првиот круг од пеколот.

„Во моментот кога излегував, влегуваа полицајци. Полицајка ме праша каде одам. Во тој момент се запали диското, го видов газдата Дејан како трча со ПП апарат, дотогаш немав видено апарат, сведочеше тој. И тогаш, одеднаш, сите почнале да трчаат. Вресоци. Туркање. Луѓе еден врз друг. „Настана стампедо. Луѓето паѓаа по скалите, се газеа. Дел се заглавија на самиот влез, меѓу првата и втората врата“, раскажуваше тој.

Кристијан се обидел да влезе во потрага по неговиот брат,  првиот пат било невозможно, од  димот видливоста била мала, па морал да свети со мобилниот телефон и во планината од тела да бара знак по што ќе го препознае братот. „Имаше многу тела на земјата. Ниеден немаше свест. Јас ги тргав телата и го барав брат ми“, рече. Во еден момент, нешто паднало од таванот, се распрснало во пламен. Излегол надвор, па повторно се вратил. И тогаш – го видел, Андреј бил на самиот праг. „Не бев сигурен дека е тој. Го познав по тетоважите“, сведочеше Кристијан. Со братучедот му го кренале телото и го однеле во амбулантата. Таму начекале гужва, вресоци и повици за помош. Му дале адреналин и го префрлиле во друга соба. На прашањата дали брат му е жив, не добил одговор. „Останавме само јас и тој. Се обидував да го реанимирам. Една сестра ми рече дека сите во соба број 2 не дишат.“

Во судницата, Кристијан зборуваше и за условите во дискотеката – еден влез и излез, многу гости меѓу кои и малолетници,а  пиротехника била користена и претходно, танчерки кои играле со факели со оган во рацете. Зборуваше и за обезбедувањето, за полицијата која знаела дека внатре има малолетници и за братот на Дејан Јованов, Тодор кој им продавал билети на децата. На крајот, кога беше прашан за обезбедувачот Лазар Захариев, Кристијан кратко рече: „Го видов дека помага. Тоа е човечки инстинкт. Но пожарот беше од човечка неодговорност.“

Во продолжение сведочеше уште едно преживеано момче,  Иван Данаилов таа ноќ дошол во дискотеката на роденден. Купил билет од шалтерот десно, од човекот што, како што рече, „секогаш ги продаваше билетите“ – Тодор. Фискална сметка никогаш не добивал во „Пулс“. На влезот имало двајца од обезбедување – едниот го земал билетот, а другиот ставал печат на раката. Лична карта не му побарале. Како малолетен, некогаш му барале, некогаш не. Внатре, дискотеката била преполна. Некое време пред трагедијата, пејачот на бендот се обратил на микрофон – рекол дека влегле полицајци и ги повикал гостите да бидат културни. Забавата не била прекината, за да потоа, во 2.32 часот, сѐ се сменило. „Прво не го видовме пожарот, беше над нашите глави, надвор од нашето видно поле“, сведочеше Иван. Кога тргнале кон излезот, стампедото од луѓе веќе било настанато. Чадот бил густ, а дишењето сѐ потешко. Луѓето не ги водел никој, секој се борел за здив. На скалите, некој пред него се сопнал и толпата се срушила. Луѓето паѓале еден врз друг. „Се најдов најдолу, под сите“, раскажа Иван. „Нозете ми беа приклештени. Не можев да станам.“ Во тој момент, пред него се појавил Столе од обезбедувањето. Иван му подал рака и тој ја фатил и го извлекол од гужвата. „Му должам живот“, рече Иван во судницата, јавно заблагодарувајќи му се.

Надвор, сцените биле траорни. Луѓе излегувале со изгореници, со одрана кожа, во шок. Иван неколкупати носел вода и ја делел на повредените. Во еден момент, видел и полицајци – двајца или тројца – како стојат настрана, без да извлекуваат луѓе. Подоцна, пристапот кон дискотеката бил забранет.

Тоше Трендафилов, кај кои се забележуваа изгорениците по телото, го пренесе ужасот што го преживеал- во стампедото бил турнат и газен. „Ја ставив маицата на устата и по тоа ништо не паметам. Некој ме извлекол надвор, подоцна другарите ми кажаа дека тие ме спасиле“, сведочеше Трендафилов. И тој како и претходните сведоци кажа дека присутните полицајци немо стоеле пред дискотеката  не давајќи им помош на повредените. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ