
Во изминатите неколку недели, раководните лица на новиот шампион на Англија, тимот на Ливерпул, се обидуваа да склучат договор со германскиот бундеслигаш Баер Леверкузен, за трансферот на Флоријан Вирц.
После серијата состаноци, двата клуба си подадоа рака, а специјалистот за трансфери, италијанскиот новинар, Фабрицио Романо, го напиша своето популарно „Here we go“.
„Ексклузивно, Флоријан Вирц во Ливерпул, Here we go“.
Ливерпул усно се договори со Баер Леверкузен за сума од 150 милиони евра, вклучувајќи ги и бонусите. На тој начин, тимот од „Енфилд“ го реализираше најскапиот трансфер во историјата на англиската Премиер лига.
Кога е во прашање играчот за врска, тој пред две недели ги договори личните побарувања со раководните лица на Ливерпул.
„Вирц ќе помине медицински прегледи и ќе потпише договор“, пишува Романо.
Навивачите на Ливерпул, но и на останатите фудбалски клубови, беа шокирани од износот на пари што Ливерпул ќе ги плати за да го доведе 22-годишникот.
„Управата на Баер Леверкузен ќе оди во банка со насмевка, а тоа не би било прв пат Ливерпул да преплати некој играч.“
„Добар играч, но 150 милиони евра, не се нормални. Тоа се луди пари“.
„Ливерпул всушност го купи Вирц за 150 милиони евра. Па ги доведовме Черки, Рејндерс и Рајан Аит-Нури за помалку од 120 милиони евра.“
Секако, ова се само дел од коментарите од навивачите на социјалните мрежи, а најверните навивачи на „црвените“ се надеваат дека репрезентативецот на Германија нема да биде промашување какво што беше Енди Керол или какво што е Дарвин Нуњез.