Никој не ја слушна – Росица беше убиена пред очите на системот

„Или ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва“ и порачал Илија на Росица лани

5272

 „Или ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва“ и порачал Илија на Росица лани пред Нова Година, кога ја киднапирал во неговиот дом во Ѓорче Петров каде ја удирал по телото и едвај успеала да го убеди да ја пушти. И само пет дена пред да ги убие Росица и нејзиниот татко, Илија Стефановски бил условно осуден од страна на велешкиот суд со забрана да ѝ се приближува. Судот го пуштил насилникот со долга листа на пријави за насилство, обвиненија и мерки поради тепањето и малтретирањето што го трпела жртвата неколку години. Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство реагира дека системот повторно потфрли и во случајот со Росица. Од оваа организација бараат итна и темелна истрага за тоа кој сè бил должен да постапи по пријавите на жртвата и бараат одговорност и санкции за сите надлежни кои не постапиле во согласност со законот.

Неколку години траело насилството врз 31-годишна Росица Коцева од страна на скопјанецот, 39-годишниот Илија Стефановски, кој во понеделникот, среде бел ден, смртно ја избоде во центарот на Велес, во близина на нејзината семејна куќа. Од неговата рака смртно настрада и таткото на младата девојка, 68-годишниот Киро Коцев. Според истрагата, неговото убиство било прво од крвавиот пир што ја потресе јавноста, а завршило со самоубиство, момчето искрвавело до смрт од сопствените убоди во вратот. Девојката го запознала Стефановски по враќањето во родниот град од Софија, каде студирала. Според жителите кои ја познаваат младата жртва, насилното момче буквално не ја оставало да дише.

Тоа се потврдува од нејзиниот исказ даден во скопското обвинителство, само неколку дена пред да биде смртно избодена од посесивниот поранешен партнер, за едно од серијата насилства кое го пријавила кон крајот на минатата година, кога Илија буквално ја киднапирал во неговиот дом во населбата Ѓорче Петров, ја тепал, и едвај ја пуштил со ветување од нејзина страна дека ќе работат на обновување на врската.

„Или ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва“ и порачал Илија на Росица додека се возеле во неговиот автомобил пред да ја затвори кај него дома.Росица овој случај го пријавила во ПС Ѓорче Петров, но ја испратиле да пријави во ПС Кисела Вода. На заложништвото сведок била мајката на Илија која иако сакала да и помогне на кутрата девојка сепак и таа била жртва на насилство.Во исказот во Обвинителство што Росица го дала 10 месеци од претрпениот кошмар кога заклучена во собата од Илија, не знаела ниту колку е часот ниту кој ден е, девојката кажува дека од полиција заминала во велешката болница каде и била даден помош за физичките и психичките повреди што ги преживеала.

И од Обвинителството и од полицијата објавија голема листа на пријави кои Росица ги поднесувала до полицијата и до велешкото обвинителство. Од нив може да се заклучи дека институциите повторно потфрлија со жртвите на родово насилство, со непостапувањето и со инертноста во процесуирање на постапките и доведоа до уште еден фемицид во Македонија.

На 10.04.2025 година – Основното јавно обвинителство Велес против убиецот на Росица, поднел Обвинителен предлог за два случаја: Загрозување на сигурноста за настан на 20.02.2025 година и за Насилство за настан ноќта меѓу 03.03.2025 и 04.03.2025 година со нанесена полесна телесна повреда. На барање на обвинителството, на Стефановски му било направено психијатриското вештачење кое покажало дека тој не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената. Но место да застане, насилникот оди уште подалеку со малтретирањето. На 18.05.2025 Стефановски се приближил до домот на Росица, во близина на Градскиот саат во Велес, го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко. На 21.05.2025 година младата жена која е уште една бројка на жртвите на фемицид во земјава, го пријавила насилникот за неизвршување на судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство, тој не ги почитувал. На 26.06.2025 година – била издадена наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и 4 наредби за обезбедување снимки од видеонадзор од различни локации во градот, но по овие наредби полицијата сè уште не постапува, веќе 4 месеци. Неколку дена пред крвавиот чин, на 09.09.2025 година, Росица дала исказ во ОЈО Скопје и се изјаснува дека останува на предлогот за кривично гонење на осомничениот, а еден ден потоа Основниот суд во Велес носи пресуда со која условно го осудува Илија Стефановски со забрана за приближување и воспоставување контакти со девојката и со нејзиниот партнер, определена по барање на обвинителството. Оваа одлука на судот во Велес била само што примена во ОЈО Велес и обвинителството немало можност да се произнесе по неа со евентуална жалба, велат од ОЈО. Само 5 дена подоцна, Росица и нејзиниот татко се мртви. Иако од ОЈО Скопје велат дека нема пријави за насилство против него од други девојки, луѓе што го познавале Илија на социјалните мрежи пишуваат дека малтретирал и други, реагираат дека одамна требало да биде осуден, а не да одзема невини животи.

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство реагира дека системот повторно потфрли и во случајот Росица. Од оваа организација бараат итна и темелна истрага за тоа кој сè бил должен да постапи по пријавите на жртвата и бараат одговорност и санкции за сите надлежни кои не постапиле во согласност со законот.

– Имало историја на континуирано интимно партнерско насилство (форма на родово базирано насилство), жртвата повеќепати го пријавувала насилникот во полиција поради закани по нејзиниот и животот на нејзиниот татко, постоело загрозување на нејзината сигурност, преку сериозни закани упатени од сторителот, па дури во еден наврат бил запален и нејзиниот автомобил. Убиената жена кога го пријавувала насилството барала заштита од полициските службеници нагласувајќи ги заканите и нејзиниот страв дека може да биде убиена, но за жал, и покрај јасните правила за процена на ризик, институциите во овој случај, очигледно, пропуштиле соодветно да го проценат ризикот по безбедноста и по животот на жртвата и на нејзините блиски, поради што целиот случај заврши со убиство на жена (фемицид – убиство на жена во родово базирано насилство) и убиство на таткото на жртвата (убиство во семејно насилство)!, стои во реакцијата на Националната мрежа.

Дека убиството било свирепо, покажува и чинот на неговото извршување, среде бел ден на улицата во близина на семејната куќа на таткото и на ќерката, чија мајка била почината. Соседите сè уште не можат да ја прифатат несреќната вест, велат дека куќата сега останала празна, жалат за загубата и ја обвинуваат полицијата дека не ја заштитила Росица, која цело време барала помош.

Новиот случај на фемицид беше повод опозициската СДСМ да ја обвини власта за полициското непостапување иако девојката го пријавувала секое малтретирање. -Полицијата на Тошковски била алармирана со повеќе пријави за закани, за физички напади, за палење на возилото и кражба.  Над 70 пати. Ама, со прст не мрднале. Не издале забрана за приближување, не спровеле постапка, не обезбедиле заштитни мерки. Ништо. Тоа е пропуст кој денес значи два загубени животи.За ова одговорноста мора да има и да почне од првите луѓе на СВР Велес, повикаа на одговорнос од СДСМ. (П.А.)

Ова се сите пријави со кои жртвата Росица го пријавувала насилството од Илија во полициска станица

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ