Додека биткоинот продолжува да биде симбол на финансиската слобода, многу индивидуални инвеститори остануваат со огромни загуби поради шпекулативните модели и недостигот на регулација. Криптоекспертот, портфолио менаџер и автор на книгата „Фундаменти на криптоиндустријата“, Дарко Симуновски, кажува за весникот ВЕЧЕР кои се ризиците од вложувањето во криптосредства. Додека речиси секаде во западните земји може да се применуваат криптосредствата за плаќање, во Македонија моментално не е возможно тоа на официјален начин, бидејќи тие не се признати како законско средство за плаќање. Премиерот Христијан Мицкоски, пред два месеца, најави дека во периодот што следува, Владата ќе излезе со законска регулатива со која ќе биде регулирано сето ова. – Тоа ќе значи повеќе пари, приливи во буџетот, кои можеме да ги користиме за капитални проекти – истакна премиерот Мицкоски
Цената на биткоинот во саботата изнесуваше 107.004 долари, со 24-часовен интрадневен опсег помеѓу 104.747 и 107.449 долари. Пазарната капитализација моментално е проценета на 2,13 трилиони долари, поткрепена со робустен дневен обем на тргување од 62,96 милијарди долари. Со 107.000 долари, биткоинот моментално е 15 проценти под рекордно високото ниво.
Според експертите, овој феномен е уште еден доказ дека ентузијазмот околу криптопазарот често може да биде меч со две острици – додека биткоинот продолжува да биде симбол на финансиската слобода, многу индивидуални инвеститори остануваат со огромни загуби поради шпекулативните модели и недостигот на регулација.
Биткоинот падна за 13 проценти по новата американско-кинеска царинска расправија. Но, штетата беше многу поголема кај помалите токени, од кои голем дел претрпеа пад и до 80 проценти пред привременото закрепнување.
РИЗИЦИ
Криптоекспертот, портфолио менаџер и автор на книгата „Фундаменти на криптоиндустријата“, Дарко Симуновски, кажува за весникот ВЕЧЕР кои се ризиците од вложувањето во криптосредства.
– Вложувањето во криптосредства носи високи потенцијални награди, но и сериозни ризици што мора да се земат предвид, како што е волатилност, затоа што може драстично да се сменат цените за кратко време, на пример падови или скокови од 10 до 30 % за еден ден, што може да води до брзи загуби или добивки.Сепак, ризиците од волатилност остануваат, па препорачувам диверзифицирано инвестициско портфолио и секогаш да се чува кеш или USDT/USDC долари. Тука се и безбедносните ризици од хакерски напади, измами како (Rug pulls) или лажни (ICO) иницијални продажби на нови криптовалути и кражби од неправилно чување криптовалути. Чест ризик е и недостигот на ликвидност и манипулација, затоа што пазарот е помалку ликвиден од традиционалните инвестиции (освен USDT, BTC,ETH и други топ 100 ликвидни токени), а алгоритмите и влијателните играчи може да манипулираат со цените. Затоа препорачувам да се започне со едукација, топло ја препорачувам книгата „Фундаменти на криптоиндустријата“ и да се користат регулирани платформи (како coinbase) и никогаш не вложувајте повеќе од вашите можности. Засега препорачувам да се држите до традиционалните методи за плаќање – препорачува Симуновски.
Тој објаснува дека криптосредствата не се сметаат за депозити, ниту како штедни влогови.
– Депозитите се традиционални банкарски штедни влогови во регулирани банки, кои се заштитени од централната банка и од Владата. Додека криптоактивите се дигитални средства базирани на блокчејн, слично како берзите на акции и се без гаранција за поврат на средствата во случај на загуба, но, исто така, нудат и потенцијално високи добивки. Криптоиндустријата е нова класа финансиски средства, слично на традиционалните берзи во финансискиот дел, додека го репрезентираат финансискиот слој од блокчејн технологијата – вели Симуновски.
Тој очекува продолжување на растот на криптопазарот во глобални рамки, со фокус на зголемена институционална инволвираност, развој на регулациите и интеграција на блокчејн во секојдневните финансиски услуги во САД и понатаму на глобално ниво.
– Според моите макроанализи, глобално има различни индикатори што укажуваат на негативни и позитивни исходи за економската состојба. Сепак, очекувам нови рекорди на берзанските индекси (особено во САД) и криптопазарот до крајот на годината и за првата половина од 2026 година – смета Симуновски.
БИТКОИН-ХИСТЕРИЈА
Поради биткоин-хистеријата по падот на берзата во петокот (10 октомври), малите инвеститори загубиле 17 милијарди долари во обид да добијат изложеност на биткоин преку компании за дигитални финансиски средства, познати како Bitcoin Treasury Firms. Според познавачите на состојбите на криптопазарот, овие фирми, меѓу кои се „Метапланет“ и „Стратеџи“, доживеале вистински колапс на своите акции поради претерано надуените цени што биле далеку над реалната вредност на нивните крипторезерви.
– Се чини оти биткоинот загуби дел од својот статус на безбедно засолниште. Тоа би можело брзо да се промени, бидејќи шпекулантите ги префрлаат профитите од инвестициите во злато во криптовалута. Ерата на финансиската магија за биткоин-компаниите завршува – покажува новиот извештај на сингапурската аналитичка компанија „10X Рисрч“, пренесува „Блумберг“.
Истражувањето покажува дека новите акционери „платиле околу 20 милијарди долари повеќе од реалната вредност на биткоин-експозицијата што ја купиле“, бидејќи фирмите продавале акции по цени што биле три-четири пати повисоки од нивната вистинска нето-вредност.
– Компанијата „Метапланет“, која инвестирала 1 милијарда долари во биткоин, достигнала пазарна вредност од 8 милијарди пред да падне на 3,1 милијарда, иако сè уште поседува биткоин вреден 3,3 милијарди долари. Во процесот, акционерите загубија 4,9 милијарди долари, додека компанијата успеа да акумулира 2,3 милијарди во биткоин – подвиг достоен за аплауз – стои во извештајот.
Овој „судир“ меѓу реалната вредност и пазарната цена, според аналитичарите, е сигнал за структурен проблем. За да преживеат, ваквите компании мораат да преминат кон помодерен, арбитражно ориентиран модел на управување наместо да купуваат биткоин со „надуени“ вредности.
– Паметните компании за дигитални средства ќе можат и натаму да остваруваат годишни приноси од 15 до 20 проценти, но само доколку се приспособат на новата реалност – се наведува во заклучокот на извештајот.
РЕГУЛАЦИЈА
Додека речиси секаде во западните земји може да се применуваат криптосредствата за плаќање, во Македонија моментално не е возможно тоа на официјален начин, бидејќи тие не се признати како законско средство за плаќање.
Денарот е единственото официјално средство за плаќање, а криптотрговијата е дозволена само како инвестиција или размена преку меѓународни берзи (како Бинансе или Коинбејс).
Премиерот на македонската Влада, Христијан Мицкоски, пред два месеца, одговарајќи на новинарско прашање дека ветувал развој и регулација на криптопазарот, рече дека веќе сериозно се работи на тоа.
– Па, да, веќе работиме сериозно. Дел од посетите на луѓето што дојдоа и од САД и од други земји од Европа се со фокус на таа тема и во периодот што следува ќе излеземе со законска регулатива, со која ќе биде регулирано сето ова. Тоа ќе значи повеќе пари, приливи во буџетот, кои ќе можеме да ги користиме за капитални проекти – истакна премиерот Мицкоски.
Откако стана претседател на САД, Доналд Трамп почна да ги промовира криптовалутите. Тој ја олабави регулацијата на овој сектор и потпиша извршна наредба со која им се дозволува на Американците да инвестираат одреден процент од своите пензиски заштеди во криптовалути. Според пресметките на „Фајненшл тајмс“, Трамп во новиот мандат заработил милијарда долари на токени и криптовалути. Имено, токенот WLFI му донел 550 милиони долари, мемкоинот $TRUMP околу 362 милиони долари, монетата $MELANIA 65 милиони долари и USD1 42 милиони долари.
– Споменатите износи претставуваат профит, а вкупниот приход е мерен во милијарди долари. На пример, продадена е вкупна вредност од 2,7 милијарди долари од стабилната кованица USD1 – наведува „Фајненшл тајмс“.
(С. Бл.)