НИКОГАШ НЕ Е ДОЦНА НИ ЗА ВЛЕЗ ВО ПОЛИТИКАТА: На 97 години и на 81 година во трка за советничко место – најстарите кандидати на локалните избори

Сега се кандидирав со задача пензионерите да престанат да бидат третирани како монета за партиски пресметки, туку и самите гласно да се изборат за своите интереси и за интересите на сите граѓани – вели 81-годишниот Кирил Добрушевски, кандидат за советник во Советот на Општина Битола.

470

Вообичаено се вели дека никогаш не е доцна за многу работи во животот, а сознанието за тоа најчесто доаѓа во подоцнежните години од животот. Па така, во поодминати години, луѓето си ги откриваат потиснатите таленти, почнуваат да се занимаваат со онаа дејност што навистина ја сакаат, си ги остваруваат своите животни желби, сакаат да се подобри нешто, да остават некаква трага зад себе… За таква една животна пресвртница, се чини, ќе послужат и претстојните локални избори, бидејќи на нив ќе има и повеќемина кандидати во поодминати години. Според досега објавените податоци врзани за кандидатите за градоначалници и за општински советници, има повеќемина кандидати што ја поминале осмата, дури и деветтата деценија од својот живот. Државната агенција МИА неодамна објави дека највозрасниот кандидат за член на Советот на Општина Битола има 97 години и се вика Цветанка Велјанова, која е кандидатка на политичката партија МААК.

– Веднаш зад Велјанова, според возраста, е кандидатот Кирил Добрушевски со 81 година, исто така кандидат на МААК. Во групата од тројца највозрасни кандидати за членови на Советот на Општина Битола е и Трајан Котевски, кој има 80 години и е на кандидатската листа поддржана од група избирачи – беше наведено во информацијата.

Лидерот на партијата МААК, Страшо Ангеловски, во изјава за ВЕЧЕР ни потврди дека Велјанова и Добрушевски се нивни кандидати.

– Да, тие се на нашата советничка листа за Советот на Битола. Не е изненадување што на нашите листи имаме повеќе повозрасни лица. На 2 август ја промовиравме нашата предлог-стратегија за насочување на македонската нација во духовноста, чија суштина е враќање кон верата, кон нашата народна традиција, кон традиционалното семејство… Таа предизвика особен интерес кај пензионерите и имав покана за гостување во повеќе пензионерски клубови и здруженија. Оттаму дојде и кандидирањето повозрасни лица на нашите советнички листи – ни рече Ангеловски.

Обидот да стапиме во контакт со највозрасната кандидатка на изборите, 97-годишната Цветанка Велјанова, остана без успех, бидејќи таа, како што ни кажа Ангеловски, не сакала да зборува со медиумите околу својот политички ангажман. Но, вториот по возраст, 81-годишниот Кирил Добрушевски, поранешен новинар од Битола, прифати да ни ги открие своите мотиви за намерата да стане дел од Советот на Општина Битола. Добрушевски, инаку, е роден во 1944 година, во битолското село Црнобуки и целиот свој животен пат му го посветил на новинарството. Има сосема мало политичко искуство кога во периодот од 1969 до 1974 година бил одборник во тогашното општинско Собрание на Битола.

– Тогаш буквално ги застапував интересите на моите сограѓани и по цена на лични жртви. Оттогаш, па досега, не сум бил на ничија изборна листа. Сега се кандидирав со задача пензионерите да престанат да бидат третирани како монета за партиски пресметки, туку и самите гласно да се изборат за своите интереси и за интересите на сите граѓани – ни објаснува Добрушевски, кој за себе додава дека е особено активен на социјалните мрежи.

Добрушевски ни вели дека во нашето општество нема соодветен третман на пензионерите.

– Факт е дека иднината останува на младите, но искуството на постарите, пензионерите, државата треба да умее да го искористи. Игнорирањето на пензионерите се должи на тесноградоста на општинските и на државните функционери, а тоа е на голема штета на државата. Не смееме да играме партиски бункер-систем, туку да го прифатиме она што е добро од секоја провениенција – вели тој.

Според него, неговото искуство би можело да помогне во различни сектори.

– Јас лично бев во позиција да помогнам да дојдат странски инвеститори во Битола. Но, голем апсурд е што тогашното раководство на Општина Битола постапи крајно неодговорно и сите шанси беа бојкотирани и пропаднаа. Времето е многу битен фактор за одредени зафати, а тоа кај нас не се сфаќа сериозно – ни рече овој кандидат.

Проблеми имало и во битолското Здружение на пензионери, кое, наведува Добрушевски, е затворено во себе, има простории, но нема пензионери што ги користат тие простории.

Инаку, во документацијата на ДИК и ОИК – Битола, потврдени се кандидатурите на Александар Јовановски, кандидат на граѓанската иницијатива ГРИН, на Енес Баталовски и на Лејла Усеини, кандидати на коалицијата „Вреди“ и на Марко Адам Котевски од група избирачи. Сите тие, годинава, како полнолетни, првпат се кандидати за членови на Советот на Општина Битола.

На претстојните локални избори, има рекордни 312 кандидатури за градоначалници и 575 кандидатски листи за советници. Највозрасниот кандидат, односно кандидатка, е Марија Мајкиќ со 79 години возраст, од партијата Единствена Македонија, која е кандидатка за градоначалник на Општина Гази Баба. Најмлад кандидат за градоначалник е Андреј Димитриевски од Левица, кој со 23 години возраст ќе се бори за градоначалничката функција во Општина Старо Нагоричане. Земајќи ја возраста на градоначалниците, се забележува дека најголем број од нив се во зрели години, помеѓу 40 и 50 години возраст. На локалните избори во 2021 година, најстариот кандидат имаше 89 години.

Драги Аргировски, поранешен претседател на Сојузот  на здруженија на пензионерите на Македонија, за ВЕЧЕР вели дека искуството што го носат зрелите одини е добредојдено насекаде, па и во политиката.

– Можеби, возраста од 97 години е преголема за активно занимавање со советничка функција, во смисла на доаѓање на седници и други советнички ангажмани, но за младите пензионери, на возраст од 65 до 75 години, треба да се наоѓа место и за вакви ангажмани. Ако е штета некој добар лекар или правник за заврши со својот ангажман на 64 години, така е штета и некој активен пензионер да не биде вклучен во носењето на одлуките во една општина, па и на повисоко државно ниво – нагласува Аргировски.

Тој илустрира дека во земјава веќе има 336.000 пензионери на најразлична возраст и дека во Македонија веќе е најзастапено возрасното население. Со тоа, треба да се води грижа за нивните потреби, кои не се мали. А, тоа е можно само преку активна политика.

– Постарото население има големи потреби. Најмногу за пензионерски домови и центри за згрижување постари и немоќни лица. Во Скопје имате само четири државни центри за згрижување и за место се чека и по десет години. Мора да има повеќе вакви центри, а тоа е можно само преку политички одлуки за нивно градење. Добро е што сега, во кампањата, дел од градоначалниците ветуваат изградба на вакви центри за згрижување стари лица. Одлуките во советите на општините сигурно полесно ќе се гласаат ако има во нив и повозрасни лица. Искуството на постарите е добредојдено, оти младите, сепак, уште го немаат. Спојот на искуство и на младост, на крајот, може да даде убави резултати – наведува Аргировски. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ