Веднаш по завршувањето на претставата, македонските актери имаа сесија разговори со публиката, која се разви во спонтана, интерактивна, отворена и топла комуникација со унгарската публика. Она што започна како кратка сесија прашања и одговори, брзо прерасна во подлабока, емотивна и искрена дискусија околу темите што ги отвора претставата: човечноста, апсурдот на војната и траумите што ги остава зад себе

Со неколкуминутен громогласен аплауз, публиката во Националниот театар „Nemzeti Színház“ во Будимпешта ги награди актерите од Македонскиот народен театар, кои страсно и во еден здив ја одиграа претставата „Ничија земја“. Гостувањето е првиот резултат од Договорот за соработка потпишан меѓу директорот на МНТ, Никола Кимовски, и директорот на Националниот театар во Будимпешта, Атила Видњански. Веќе напролет, тие ќе ја возвратат посетата со гостување во МНТ.

„Со Видњански веднаш се препознавме. Двајцата сме вљубеници во театарската уметност. Оваа соработка, можеби, е мал чекор за театарот, но голем за европската уметност“, изјави, меѓу другото, Кимовски, во текот на средбата.

Сашко Коцев, како Чики во „Ничија земја“, директно од Националниот театар во Будимпешта изјави: „Ние, актерите, се чувствуваме како репрезентација што ги брани боите на Македонија, буквално на сите гостувања. И секогаш ја имаме таа желба да победиме“.

Тони Михајловски, пак, кој го игра ликот на Цера. додаде: „Прекрасно и едновремено тажно и жестоко дело, кое зборува за ужасите на војната во поранешна Југославија. Низ целата драма провејува и црн хумор за да можеме да го ‘свариме’ небулозниот воен конфликт што се случи на овие простори. Една од ретките претстави што не ја наметнуваат пораката, таа произлегува сама од себе. Уживам во секоја нејзина изведба и е една од моите ретки можности каде што можам да застанам на сцена со мојот син, актерот Александар Михајловски“.

Младиот и исклучително енергичен и талентиран актер Александар Михајловски, пак, преку ликот на Нино, вели дека претставата бара од него огромен психофизички влог: „Ова не е мое прво гостување во Будимпешта, но е најбитно. Ликот што го играм е постојано на сцената, речиси два часа и максимално сум сконцентриран“.

Веднаш по завршувањето на претставата, македонските актери имаа сесија разговори со публиката, која се разви во спонтана, интерактивна, отворена и топла комуникација со унгарската публика. Она што започна како кратка сесија прашања и одговори, брзо прерасна во подлабока, емотивна и искрена дискусија околу темите што ги отвора претставата: човечноста, апсурдот на војната и траумите што ги остава зад себе.

Публиката беше видливо трогната од изведбата, дел од гледачите наместо да поставуваат прашања, почувствуваа потреба да застанат пред микрофонот и да споделат колку силно ги допрела претставата. Тие зборуваа за автентичноста на актерската игра, за емотивниот товар на приказната и за нејзината актуелност и денес, неколку децении по војната во Босна. Сесијата се претвори во искрен дијалог меѓу македонските актери и унгарската публика, кој уште еднаш ја потврди моќта на театарот да отвора тешки теми и да ги поврзува луѓето од различни општествени средини.

Според делото на Данис Тановиќ и во режија на Александар Морфов, во претставата играат: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Александар Михајловски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.

За МНТ, ова не е прво претставување во Националниот театар во Будимпешта. Во 2017 година, нашиот театар гостуваше со претставата „Животот е прекрасен“, исто така во режија на Александар Морфов, а во 2015 година беше одиграна претставата „Вечната куќа“ во режија на Дејан Пројковски. Претставата „Ничија земја“ годинава гостуваше и на новиот европски фестивал „Acting Europe” – Театар без граници“, кој се одржа во Ќустендил, соседна Бугарија.

ИЗДВОЕНИ