Ни за 2.000 евра плата никој веќе не влегува во рудник

Тешките услови за работа, работата во три смени, изолираноста од надворешниот свет... се само дел од причините што ги прават индустријата и рударството неатрактивни за младите. Од Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство велат дека овие гранки кубурат со кадар и покрај тоа што се атрактивни платите и последниве години постојано растат. На ниво на држава, се зголемени од 10 до 15 отсто, односно зависи од компанијата. Така, покачувањето изразено во бројки се движи од 3.500 до 8.500 денари. Во рударството стигнуваат до 2.000 евра, а во индустријата – од 500 до 600 евра

1430

Индустријата и рударството се едни од најпогодените сектори од недостиг на работна сила. И покрај добрите плати, овие индустриски гранки се неатрактивни за младите поради работното време и лошите услови за работа. Платите се атрактивни и во последниве години постојано растат, така во рударството стигнуваат до 2.000 евра, а во индустријата – од 500 до 600 евра. Од Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство велат дека младите не сакаат да работат по 8 часа и во три смени, затоа овие гранки кубурат со кадар. Од друга страна, не може да вработат пензионери, бидејќи се работи за тешка физичка работа, а работниците имаат бенефициран стаж и одат во пензија на 55 години.

– Работата не е лесна, но платите во индустријата и во рударството се добри и луѓето може пристојно да живеат. Покрај тоа што се добри платите и последниве години постојано растат овие сектори, не се атрактивни за младите поради тешките услови за работа. Не сакаат да работат по 8 часа и во смени, а особено трета смена. Друг проблем е што ова не е канцелариска работа и осум часа се на нозе, изолирани се од надворешниот свет. Исто така, потребно е носење заштитна опрема, што, исто така, е една од причините поради кои младите не сакаат да работат во индустријата и во рударството – изјави за весникот ВЕЧЕР Игор Герасов, претседател на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство.

Поради тоа, како што вели Герасов, овие индустрии кубурат со кадар. Има некој постари работници што се останати, но нивниот број е многу мал, бидејќи се работи за тешка физичка работа. Ретко кој, по пензионирањето, работи во тешката индустрија и во рударството, бидејќи работниците во овие сектори имаат бенефициран стаж и одат во пензија на 55 години.

– Секоја од компаниите се снаоѓаат на свој начин. Некои вложуваат во дуалното образование, како металуршките компании и рудниците. Но, оние што ќе се одлучат да работат во индустријата или во рудник, треба да поминат обука. Има рударски училишта, но никој не се запишува во нив. Обично во овие сектори работат оние што не се заминати во странство и што не се ИТ-обучени – вели Герасов.

Ѓоко Вукановски, оперативен менаџер на Македонската асоцијација на човечки ресурси, неодамна изјави дека младите денес имаат многу можности и не прифаќаат класична работа за плата.

– Сменети се можностите и поради недостигот на работна сила, страдаат многу сектори во државава. Младите кај нас и во светот не сакаат да работат во индустријата, бидејќи оваа работа не нуди флексибилност. Исто така, не можеме да очекуваме дека младите ќе земат трактори и ќе се вратат да работат во земјоделството кога имаат на располагање многу можности, кои им ги нуди новата технологија – вели Вукановски.

Платите во индустријата и во рударството се зголемија од 10 до 15 отсто на ниво на државава, односно зависно од компанијата, зголемувањето се движи од 3.500 до 8.500 денари. Така, во рударството стигнуваат до 2.000 евра, а во индустријата – од 500 до 600 евра.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ