Данокот на додадена вредност за купување прв стан останува 5 отсто и по Нова година. Измените за законот со кои ќе се продолжи важењето на мерката се веќе во владина процедура. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, нагласи дека во моментот не постојат услови за примена на повисока стапка, особено имајќи предвид дека дел од граѓаните веќе имаат платено авансни средства додека објектите се во градба. Градежните експерти се децидни дека тоа што повластената даночна стапка за купување нови станови останува 5 отсто не значи дека цените на становите нема да растат. Сè додека понудата не биде поголема од побарувачката, нема пад на цените на становите. Според нив, во некои поатрактивни општини, становите се продаваат како алва, што дополнително ја крева цената на квадратот.
Градежните експерти сметаат дека доколку ДДВ останеше 18 отсто, ќе предизвикаше дополнително поскапување на становите кои ќе станеа уште понедостапни за граѓаните.
– Ние поднесовме иницијатива за да се продолжи важноста на повластената даночна стапка од 5 отсто. Оваа поволност беше воведена на барање на градежните компании за да се раздвижи пазарот на недвижности. Но, сега видовме дека ниската даночна стапка повеќе им е потребна на купувачите отколку на градежните компании. Точно дека цените на становите се високи посебно во општините кои се атрактивни за купување, Центар, Карпош, Аеродром… Поради тоа, македонските граѓани со просечна плата не можат да купат стан, изјави за весникот ВЕЧЕР, Андреа Серафимовски, директор на „Гранит“ и претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија.
Според него, се очекува цените на становите во блиска иднина да се стабилизираат бидејќи се многу високи.
– Цените на становите не се реални и има многу злоупотреби од страна на градежните компании. Се нудат исти цени за станови со различен квалитет на градба. Кај нас се случува еден парадокс, односно се нудат станови по 2.500 евра за квадратен метар во зграда со преку 70 станови и со само еден лифт. И ние се чудиме кој ги купува овие станови што се продаваат по многу високи цени. Сè што се нуди на пазарот моментално се распродава. Сè додека понудата не биде поголема од побарувачката, нема пад на цените на становите, појаснува Серафимовски.
Побарувачката за нови станови е огромна, особено во атрактивните општини каде што и старите станови се качија на 2.500 и 3.000 евра за квадратен метар. Од Здружението за градежништво ги поздравуваат сите мерки кои се во насока на намалување на цените и олеснување на купувањето на прв стан за млади брачни парови.
Градежниот експерт Никола Велковски смета дека со задржување на повластената даночна стапка за нови станови од 5 отсто државата не добива ништо, а тоа не значи дека цените на становите нема да продолжат да растат.
– Оваа мерка е добра за граѓаните кои купуваат прв стан, но таа може да биде злоупотребена од страна на градежните компании. Односно, наместо државата да собере повеќе пари во буџетот, тие да профитираат со тоа што ќе ги качат цените на становите. Добро ќе беше да се воведеше малку повисока даночна стапка за да ги запре градежниците и со градење и со цени, изјави Велковски за весникот ВЕЧЕР.
Според министерката Димитриеска-Кочоска и во земјите со повисоки генерални стапки на ДДВ, даночното третирање на становите е пониско. Притоа, наведувајќи дека во Словенија, на пример, редовната стапка на ДДВ за станови е 9,5 отсто.
Во Србија, пак, ДДВ за купување стан изнесува 10 проценти, граѓаните што првпат купуваат имаат право на поврат на целата сума. Прв услов што треба да го исполнува купувачот е да не е сопственик или косопственик на недвижност почнувајќи од 1 јули 2006 година до денот на потпишувањето на договорот за купопродажба.
Повратот на ДДВ е ограничен на површина од 40 квадратни метри за самиот купувач, додека дополнителни 15 квадрати се дозволени за членовите на неговото семејно домаќинство. Така, на пример, четиричлено семејство може да оствари поврат на ДДВ за стан со површина до 85 квадратни метри. Правото на поврат на ДДВ важи и за корисниците на актуелната државна програма наменета за млади, која овозможува купување прва недвижност со субвенција од државата и учество од само еден процент.
(А. С.)












