понеделник, март 2, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Ни се заканува ли нова енергетска криза и нов ценовен шок?

Ни се заканува ли нова енергетска криза и нов ценовен шок?

Растот на цените на енергенсите отвора ризик од нов инфлаторен бран и Македонија, како увозник, директно ќе ги почувствува последиците. Повисоките цени на нафтата веќе се прелеваат врз цените на горивата, транспортот и врз дел од прехранбените производи, што создава дополнителен инфлаторен притисок. Економистите оценуваат дека доколку продолжи трендот, можно е ново поскапување на електричната енергија и зголемување на трошоците за домаќинствата и за компаниите

306

Војната на Блискиот Исток предизвика раст на цената на нафтата и на гасот и го отвори прашањето за стабилноста на енергетскиот пазар и за можноста од нова енергетска криза. Аналитичарите предупредуваат дека секоја ескалација на конфликтите во земјите производители може да доведе до нарушување на транспортните маршрути и до намалување на понудата, што директно се одразува врз цената. Блискиот Исток обезбедува значителен дел од светското производство, а неизвесноста ги зголемува шпекулативните движења на пазарот.

Повисоките цени на нафтата веќе се прелеваат врз цените на горивата, транспортот и врз дел од прехранбените производи, што создава дополнителен инфлаторен притисок. Економистите оценуваат дека доколку продолжи трендот, можно е ново поскапување на електричната енергија и зголемување на трошоците за домаќинствата и за компаниите.

Од Регулаторната комисија за енергетика изјавија за весникот ВЕЧЕР дека во континуитет ја следат состојбата во нафтениот сектор и носат вонредни одлуки секој пат кога покажуваат пресметките дека ќе има зголемување или намалување во крајната малопродажна цена од најмалку 2 денари за литар.

– РКЕ во континуитет ја следи состојбата во нафтениот сектор, при што во 2022 година воспостави механизам со кој секојдневно се прават пресметки и се утврдува дали се создадени услови за донесување одлука за утврдување на највисоките малопродажни цени за одделни нафтени деривати. РКЕ носи вонредни одлуки секој пат кога покажуваат пресметките дека ќе има зголемување или намалување во крајната малопродажна цена од најмалку 2 денари за литар за бензините, дизел-горивата и за екстра лесното гориво. Додека за мазутот се носат одлуки секој пат кога покажуваат пресметките дека ќе има зголемување или намалување во крајната малопродажна цена од најмалку 1 денар за литар. Со ваквиот пристап се обезбедуваат сигурност, стабилност и предвидливост на пазарот со нафтените деривати, а е со единствена цел – да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации – велат од Регулаторната комисија.

РКЕ, при утврдувањето на малопродажните цени на нафтените деривати, ги вклучува во пресметката берзанските цени на нафтените производи во изминатиот петдневен период, објавени на „Platt’s European Marketscan“, како и движењето на курсот на доларот во однос на денарот во изминатиот петдневен период и акцизата. Формирањето на крајната цена зависи од гореспоменатите елементи, кои, пак, зависат од дневната понуда и побарувачка, начинот на управување со резервите и нивното пуштање во промет, но и од одлуките на ОПЕК – дали ќе се зголеми производството или, можеби, ќе се пуштат резерви на нафтени деривати во оптек.

Енергетскиот експерт и универзитетски професор Константин Димитров вели дека поради воените случувања на Блискиот Исток, ќе има помалку нафта и ќе биде скапа, особено за земјите како Македонија, кои се увознички.

– Нафта ќе има, ама ќе биде многу скапа. Земјите што имаат добри односи со Русија, полесно ќе дојдат до нафта. Америка сега ќе ја преземе нафтата од Венецуела. Генерално, снабдувањето ќе биде отежнато и нафтата ќе биде по повисока цена. Доколку Иран ги нападне или бомбардира нафтените компании на САД и на Велика Британија на Блискиот Исток, последиците би биле сериозни и повеќеслојни: економски, безбедносни и геополитички – изјави Димитров за весникот ВЕЧЕР.

Тој вели дека Македонија нема да биде исклучок и секако дека ќе ги почувствува негативните последици врз економијата поради случувањата на Блискиот Исток.

– Проблем е што ние немаме склучено договор за нафта со Русија и ќе треба да обезбедиме нафта на пазарот. Така што земјите што имаат склучено подолгорочни договори за снабдување со нафта, ќе имаат посигурно снабдување и пониска цена. Конфликтот може да го загрози  поморскиот сообраќај, односно поради војната, да се затвори Ормутскиот Теснец, па танкерите со нафта ќе мораат да најдат алтернативни патишта и ќе се пренасочат преку `Ртот Добра Надеж.  Тоа ќе предизвика раст на транспортот, кој ќе влијае за пораст на цените на сите производи и за раст на инфлацијата – вели Димитров.

Вели дека може да се качи цената на нафтата над 100 долари за барел, со оглед на тоа дека само за еден порасна за 13 отсто. Освен нафтата, и цените на гасот во Европа скокнаа за 25 отсто поради стравувањето од големи прекини во глобалното снабдување со енергија.

Димитров вели дека доколку се зголемат цените на транспортот, ќе се зголемат цените на сите производи, бидејќи сè е поврзано со транспортот. Поради тоа, како што вели, добро ќе беше да имавме железнички транспорт, кој ќе беше далеку поевтин.

– Ако продолжи да расте цената на нафтата на светските берзи, тоа неминовно ќе се одрази и врз домашниот пазар. Земјава нема сопствено производство на нафта и целосно зависи од увоз, што значи дека не може да биде изолирана од глобалните ценовни движења. Како нето-увозник на енергенси, државата е директно изложена на берзанските флуктуации и на геополитичките ризици. Секое поскапување на суровата нафта се прелева врз цените на горивата, транспортот и индиректно, врз другите производи и услуги. Домашниот пазар, главно ,се снабдува преку ОКТА и други приватни енергетски компании што увезуваат деривати. Тоа значи дека, иако има различни набавувачи, изворот останува странскиот пазар, па глобалните трендови директно влијаат врз цените кај нас – велат енергетски експерти за ВЕЧЕР.

Сепак, дел од експертите сметаат дека глобалните резерви и диверзификацијата на изворите на снабдување засега спречуваат сценарио како при претходните енергетски шокови. Клучно ќе биде дали ќе се прошири конфликтот и дали ќе има прекин во испораката преку важните морски коридори.

Во услови на зголемена неизвесност, владите внимателно ја следат состојбата и најавуваат мерки за ублажување на евентуалните последици, додека граѓаните и бизнисите се подготвуваат за нов можен ценовен бран.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ