Со само една изјава, селекторот на БиХ, Адис Беќирагиќ, направи распад-систем во кошаркарската селекција, поради што голем број ѕвезди го откажаа својот настап на претстојното Европско првенство, кое почнува за помалку од една недела.
- Не би го молел ни мојот покоен татко да игра за репрезентацијата – рече Беќирагиќ на почетокот од подготовките за Евробаскетот и оттогаш ѕвездите постојано ја напуштаат оваа селекција.
Најновото во низата е откажувањето на Џанан Муса, кој, во текот на подготовките, мораше да оди на операција на стомакот и сега нема да биде дел од Евробаскетот.
Босна и Херцеговина е во групата Ц со Кипар, Италија, Грузија, Шпанија и со Грција и веќе ѝ беа дадени мали шанси за пласман понатаму, но по сите проблеми, малку е веројатно дека некој ќе ја види во втората фаза. Некои откажувања поминаа незабележано, а и самиот Беќирагиќ се откажа од некои играчи.
- Непријатно бевме изненадени од леснотијата со која се откажуваат некои играчи од дресот на репрезентацијата – беше кажано на почетокот од подготовките, кога само 12 од 24 играчи од поширокиот список се јавија на повикот.
- Одлучивме да избереме еден од двајца странци. Беше во прашање мојот избор и дали ни треба висок или низок играч. Решив дека Кастанеда е оној што ни треба. Не е во прашање негова желба. Гарза, без сомнение, би сакал да игра, но во конфигурацијата ни треба плејмејкер – рече Адис Беќирагиќ кога го прашаа зошто не го одвел Лука Гарза на првенството.
Новиот центар на Бостон е роден во Америка и дебитираше за репрезентацијата, но како натурализиран играч. Сепак, ниту Ксавиер Кастанеда нема да игра за „змејовите“. Во последен момент, тој беше заменет од Џон Роберсон, уште еден натурализиран Американец, откако не заздрави од повредата.
Немања Гордиќ и Емир Сулејмановиќ не одговорија, ниту Нихад Џедовиќ. Некои не беа посакувани од тренерот Беќирагиќ и одбија да го носат дресот на репрезентацијата.
- Тројца имаат повреди, кои треба да се залекуваат, тројца потпишаа нови договори и би сакале да се покажат, а двајца имаат лични проблеми и не можеа да дојдат. Некои работи не ни се јасни, еден наш пријател, дури и кошаркар, рече дека мора да биде кум на свадба, па ќе дојде. Му реков: „Синко, мора да одиш на Европското првенство. Сфаќаш ли за што зборуваш?“ Нема да зборувам за имиња, тие не се важни. Го повикав Гордиќ пред две години и ми беше јасно од неговата рамнодушност дека не сака да игра, и потоа никогаш повеќе не го повикав. Сулејмановиќ, повторувам веќе три години, одби од причини што му се познати. Ги преминавме сите граници, но бидејќи е емотивна работата во репрезентацијата и во Босна и Херцеговина, го бркаме три-четири месеци. Ќе го повикав утре, но тоа е од него. Не би го молел ниту мојот покоен татко да игра за репрезентацијата – рече Беќирагиќ.
На поширокиот список моментално се: Алибеговиќ, Атиќ, Нуркиќ, Халиловиќ, Гегиќ, Пенава, Лазиќ, Чампара, Врабац, Арсланагиќ, Камењаш, Сејфиќ, Мањгафиќ, Лончар, Гутиќ, Хреља, Делалиќ, Кондиќ, Сикираш, Јакуповиќ, Делалиќ и Роберсон, па ќе видиме кој ќе стигне до шампионатот. Особено што изјави тренерот дека Јусуф Нуркиќ не е во форма и дека едвај трча.