Ни по два месеци нема епилог за „бизнис“ операциите на срце

Од 25 преставки под лупа на комисијата на МЗ останаа седум-осум

100

Објаснувањето на министерот за здравство Азир Алуи зошто и по повеќе од два месеца нема исход од истрагата на интерната комисија која ги „чешла“ преставките за непотребни кардиолошки операции беше дека требало да се проверат уште седум од вкупно 25 и оти имало избори. Алиу цело време од зафаќање со случајот повторува дека ќе ангажирале странски експерти. Вољата да се расветлат наводите на докторот Кедев за „биснис“ операции покриени од Фондот, засега се сведе единствено на видливоста на работата на приватните болници.

Сеуште нема епилог од работата на комисијата во Министерството за здравство која се формираше по наводите на кардиологот Сашко Кедев дека се прави „бизнис“ со операции на срце покриени од Фондот. Досега се пристигнати околу 25 претставки, а останува да се разгледаат уште седум или осум. Од интерната комисија формирана по наводите беше најавено дека ќе бидат вклучени и странски доктори, експерти, но не се прецизира кога тие ќе пристигнат во земјава. Министерот за здравство Азир Алиу вчера на пресконференција на Кардиологија, рече дека кога ќе завршат со разгледување на тие претставки ќе излезат со наодите во јавност. „Во моментов кога официјално изборите ќе завршат тогаш ќе можат процедурата да ја почнат од Министерството“, е објаснувањето на Алиу

– Уште седум наоди треба да се анализираат. Знаете дека тие процеси бараат време. Прво тие експерти се и така во мал број за нашата земја. Освен оваа работа тие дневно имаат активности во амбуланта и операционите сали, затоа оваа динамика на работа не зависи од нас како Министерство, туку зависи од целиот експертски тим кои не се малку на број и се оптоварени со нивните секојдневни обврски со давање здравствени услуги на граѓаните, изјави Алиу, во врска со случајот за непотребни кардиолошки интервенции.

Дека на случајот му се дава на значење министерот го нагласи и ангажирањето на  странски експерти од Словенија, Австрија и Италија.

– Бидејќи прашањето е многу сензитивно и се работи за многу сензитивни операции на срце, не дека не веруваме во нашите експерти, туку сакаме и јавноста и експертите внатре да бидеме сигурни дека тој резултат, наод, извештај по работата на внатрешната Комисија и тројцата странски експерти, ќе ни биде патоказ за реорганизација и нова оптмизација на тие здравствени услуги по наодите кои ќе ги имаме од Комисијата. Идејата за надворешни експерти е само заради тоа што ние веруваме дека освен таа Комисија уште едно мислење од надвор би било како информација до јавноста многу поуверливо за да може секој граѓанин да верува во овој процес. Темата е многу сензитивна и многу сме внимателни. Не влегов во детали и нема да влезам се до моментот кога Комисијата ќе има прес-конференција заедно со мене за да ги објави наодите пред јавноста, истакна Алиу.

Исходот од интерната истрага во иднина треба да креира нови политики  здравствениот системи. На прашањето од новинарите дали приватните болници сега ги пријавуваат сите интервенции кои ги прават бидејќи од 15 септември требаше да бидат задолжителни, рече дека модулот за пријавување е отворен меѓу приватните болници и интегрираниот систем и дека процесот е активен.

Од болниците кои вршат кардиохирушки операции се ЈЗУ Специјална болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид, ЈЗУ Универзитетска клиника за државна кардиохирургија, ЈЗУ Универзитетската клиника за кардиологија, ПЗУ „Аџибадем Систина“ и ПЗУ „Жан Митрев“ – Скопје. Фондот за здравство неодамна ја сподели информацијата дека за овие интервенции во приватните болници годинава се предвидени околу 19 милиони евра. (П.А.)

Пациенти со сложени срцеви аритмии веќе нема да се лекуваат во странство,  зафатите се вршат и на Кардиологија

На Универзитетската клиника за кардиологија минатата недела е успешно извршена првата аблација за коморна тахикардија во државата. Воведувањето на оваа интервенција ќе значи големо олеснување за пациентите, но и за здравствениот систем, бидејќи ќе ја намали потребата од скапи упатувања во странство и го подобрува пристапот до врвна здравствена грижа во земјава, изјавија на прес конференција здарвствените власти

За овие комплексни срцеви аритмии, ФЗО досега издвојуваше повеќе 15 до 20 илјади евра по пациент за третман на истите во странство, бидејќи не беше возможно овие процедури да се прават во нашата држава.

Директорката на Кардиологија, Даница Петкоска-Спирова рече дека изведувањето на оваа сложена инвестиција претставува ново поглавје во развојот на електрофизиологијата во земјава.

„Со оваа процедура овозможуваме навремено и ефикасно лекување на пациентите со сите видови аритмии, за кои досега дел од нив беа упатувани на третман во странство на товар на ФЗО“, рече Петкоска-Спирова.

Според Клиниката за кардиологија, минатата година се направени околу 290 аблации, од кои повеќе од половина биле комплексни, а годинава таа бројка треба да се качи за 20 отсто.

ИЗДВОЕНИ