Белата куќа синоќа соопшти дека состанокот меѓу американските претставници и високите претставници на Данска и Гренланд бил продуктивен и предупреди дека испраќањето европски трупи на Гренланд нема да влијае на ставот на американскиот претседател Доналд Трамп за таа територија.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, на прес-конференција изјави дека вчерашните разговори меѓу данските и гренландските министри за надворешни работи, Ларс Локе Расмусен и Вивијан Мотцфелд, со американскиот потпретседател Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио биле „продуктивни“, објави Скај њуз.
Таа додаде дека страните се согласиле да формираат работна група за продолжување на техничките разговори за „аквизицијата на Гренланд“, наведува британската телевизија. Според неа, „овие разговори ќе се одржуваат на секои две до три недели“.
„Но, претседателот многу јасно стави до знаење дека сака САД да го добијат Гренланд, тој верува дека тоа е најдобро за националната безбедност“, рече Ливит, додавајќи дека испраќањето трупи од европските земји на Гренланд нема да влијае на одлуката на Трамп да ја стекне територијата.
Данските и гренландските власти ги предупредија САД да не го окупираат островот, истакнувајќи дека очекуваат да се почитува нивниот територијален интегритет.
Островот бил данска колонија до 1953 година, останувајќи дел од кралството, но во 2009 година му била доделена автономија, што му овозможило да самостојно да управува и да ги одредува сопствените внатрешни политики.












