Најголемите ѕвезди на НФЛ, американската фудбалска лига, би можеле да се натпреваруваат на Олимписките игри во 2028 година во Лос Анџелес.
Сопствениците на НФЛ тимовите ќе разговараат за предлогот што би им овозможил на играчите да учествуваат во флег фудбал, кога овој спорт ќе биде дел од Игрите во 2028 година.
Лигата објави предлог-резолуција за ова прашање, која сопствениците ќе ја разгледаат следната недела за време на состаноците во Минесота. Доколку резолуцијата биде одобрена од најмалку 24 од 32 сопственици, на лигата ќе ѝ биде дозволено да преговара со Здружението на играчи на НФЛ, олимписките службеници и националните управни тела за спецификите на дозволувањето на учеството на играчите од НФЛ.
Неколку ѕвезди од лигата, вклучувајќи го квотербекот на Канзас Сити, Патрик Махоумс, и ресиверот на Мајами, Тајрик Хил, во минатото изразија интерес за учество на Олимписките игри.
Предлогот би дозволил само еден играч од НФЛ тим да биде избран по земја за Олимписките игри, покрај назначениот меѓународен играч на секој тим.
Предлогот, исто така, предвидува заштита од повреди и кредит за ограничување на платите „селери-кеп“ во случај на какви било повреди и бара минимални стандарди за медицинскиот персонал и теренските површини.
НФЛ направи голем чекор во флег фудбалот со надеж дека ќе го зголеми учеството на младите и можностите за жените во спортот. Лигата одигра голема улога во обезбедувањето Олимписките игри во Лос Анџелес да бидат првите што ќе го вклучат флег фудбалот, со натпреваруавње во машка и женска конкуренција.
Игрите во 2028 година ќе се одржат од 14 до 30 јули во Лос Анџелес.