47-годишната згодна гостиварка, Елизабета Ефтоска, неодамна ги остави без здив сите во Македонија, а секако и во светот (преку сателитскиот ТВ-пренос), настапувајќи во мегапопуларното ТВ-шоу „Никогаш не е доцна“ (Никад није касно). За првиот круг во овој, секогаш возбудлив натпревар, Бети ја испеа добро познатата песна „Нежна жена“, од репертоарот на Лепа Брена.
Пејачот Дејан Матиќ, кој беше во жирито, ја пофали гостиварката и вети дека неговиот следен настап ќе биде во нејзиниот Гостивар. Таа ќе му пее како ексклузивна гостинка. Останува да се стрпиме, па да видиме дали Матиќ ќе го исполни ветуваното.
Пеењето на Бети го пофали и Маре, претседателката на жирито: – „Нежна жена“ е тешка песна за пеење, бара многу вештина, знаење и талент. Вие, Бети, сè покажавте впечатливо, кажа Маре.
И сите останати беа воодушевени од убавината и од пеењето на Елизабета Ефтовска од Македонија, од Гостивар. Меѓутоа, Бети остана скромна и фина, а објасни дека музиката ја сака од мали нозе: – Уште од основното училиште по ходниците пеев, а сите внимателно ме слушаа. На матурата првпат пеев и со микрофон во раката.
Елизабета е сега семејна жена, сопруга и мајка на три деца. Среќна и насмеана, исто како и во песната, таа е нежна жена!
(Д. М.)












