Дојде време официјално да го започнеме процесот на формирање на партија, објавија денеска три граѓански организации од Скопје. Независните за Карпош, Шанса за Центар и Зелените од Гази Баба на социјални мрежи објавија повик до граѓаните да им се придружат во платформа Независни – заедно.
-Ова е резултат на тоа што условите за наш настап на изборите како независните кандидати до ден денес не се официјално утврдени од надлежните. Големите партии прават се што можат да ги елиминираат независните кандидати и активистите од изборните листи, па затоа формираме партија бидејќи тоа е единствен начин да учествуваме на изборите и гласот на граѓаните да биде слушнат во општините – објавија овие три организации.
Се додава дека тие се отворени за сите независни групи, еко-активисти, иницијативи од локалните заедници и граѓани кои сакаат чесна, одговорна и транспарентна политика, одоздола нагоре.
-Функционираме по принцип на соработка, секој со своето децентрализирано, самостојно јадро. Ова не е партија како останатоте партии – ова е платформа за соработка, за слушање на гласот на граѓаните, за решенија што доаѓаат од нас самите – се потенцира во објавата.
Во неа се споделуваат и детални инструкции до граѓаните кои сакаат да го дадат својот потпис за нивно формирање како партија, а за што е потребно да се соберат поптиси на 1.000 граѓани.
Со собирањето на потписи на граѓаните за формирање на партија веќе започна граѓанската организација Зелен хуман град (Б.Ѓ.)