Укинати се две одредби од Изборниот законик што предвидуваа независните кандидати да мора да собираат и по неколку илјади потписи за кандидатура за локалните избори. Уставниот суд, на денешната седница, ги укина членовите 17 и 18 од измените и дополнувањата на Законикот, а за кои претходно била поведена постапка за оценка на уставноста и на законитоста.
– Одредбите што се однесуваа на условите за независните кандидати се укинати – соопштија денеска од Уставниот суд.
Со овие измени значително се сменија дотогашните услови за поднесување листи на независните кандидати за пратеници, како и за членовите на советите и за градоначалниците. Иницијаторите тврдеа дека е драстично подигнат прагот за поднесување независни граѓански листи на изборите на 1 отсто од гласачкото тело, што, според нив, предизвикува нееднаква положба на граѓаните при здружувањето во иницијативни групи за поднесување независни листи за учество на изборите. Со тоа, на пример, во Градот Скопје една независна листа за советници, според досегашните правила, требаше да собере 1.000 потписи, а со новите ќе треба да има над 4.500. Ако за поднесување независна листа за пратеници во која и да е од шесте изборни единици досега се бараа 1.000 потписи, сега ќе бидат потребни од 2.500 до 3.500, зависно од големината на изборната единица.
Одлуката за поведување на иницијативата беше донесена со тесно мнозинство – 5:4. Мнозинството сметаше дека преку зголемувањето на бројот на потписи потребни за кандидирање на независните кандидати, нив ги елиминираат од изборниот процес.