Независни за Карпош одлучија на претстојните локални избори да излезат со граѓанска листа, објави оваа граѓанска организација денеска на својата Фејсбук страница.
Во објавата се наведува дека ова организација се откажува од иницијатива да се формира политичка партија заедно со уште неколку други граѓански организации. Заедо со Шанса за Центар и со Зелените од Гази Баба тие неодамна почнаа да собираат граѓански потписи за регистрација на политичка партија – Независни заедно.
– Независни за Карпош се повлекуваат од заедничко формирање политичка партија со другите независни иницијативи. На независните иницијативи што продолжуваат со процесот на заедничко формирање политичка партија Независни заедно и на сите новоформирани партии и независни листи им посакуваме искрен успех и остануваме отворени за соработка со нив и со сите останати граѓански иницијативи и чинители со кои делиме теми од интерес и каузи – се наведува во објавата.
Се одава дека тие остануваат на принципот дека самостојното делување овозможува да се прилагодуваат на секојдневните барања и приоритети на граѓаните во Карпош.
-Таа флексибилност, која ја сметаме за клучна за нашата ефикасност, е многу потешко остварлива во рамки на поголема група или партија, каде процесот на одлучување е подолг и често ќе бара компромиси на сметка на локалните потреби. Приклучување кон партија отсекогаш била последната опција за учество на избори, и сè додека постојат други можности со кои ќе ја задржиме нашата независност и принципите на граѓанското работење – ќе ги искористиме тие опции. Конфузијата и неизвесноста за независните иницијативи создадени од партиите нема да нè одвратат од нашата визија и посветеност да понудиме решенија за квалитетен живот на граѓаните на општина Карпош – се нагласува во соопштението. (Б.Ѓ.)