– И покрај тоа што јануари е тежок месец за театрите, задоволен сум од интересот за претставите од независната продукција. Публика има, а целта тие да се претстават е исполнета. Досега, во рамките на Деновите на независната продукција, кои се одржуваат од 2023 година, одиграни се околу 30 претстави. Се работи за млади актери и режисери, кои го бараат своето место под сонцето, а ние сме тука да ги поддржиме – посочува директорот на Драмски театар – Скопје, Роберт Вељановски. На сцената на Драмски се одржаа претставите „СамоТи(И)Ја“ на „Театроск“ од Скопје, „Delirium tremens“ на „Театарска работилница“ – Прилеп, „Кротка“ во продукција на „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци вечерва (16 јануари), а утре (17 јануари) ќе биде одиграна „Сина сенка“ на „Златен Елец“ од Скопје

 

Независната театарска продукција уште еднаш покажа дека е интересна и провокативна и дека има своја публика. „СамоТи(И)Ја“ на „Театроск“ од Скопје, „Delirium tremens“ на „Театарска работилница“ – Прилеп, „Кротка“ во продукција на „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци вечерва (16 јануари, 20:00 ч.) и „Сина сенка“ на „Златен Елец“ од Скопје на 17 јануари, се четирите наслови, дел од Деновите на претстави од независната продукција, кои од 14 јануари се одржуваат на сцената „Ристо Стефановски“ и на малата сцена во Драмски театар во Скопје. Како што посочува директорот на оваа театарска куќа, Роберт Вељановски, соработката со независната театарска продукција започнала во 2023 година и била препознаена како добра иницијатива.

– И покрај тоа што јануари е тежок месец за театрите, задоволен сум од интересот за претставите од независната продукција. Иако салите не се преполни, сепак публика има, а целта да е претстават тие е исполнета. Особено голем интерес очекуваме утре, кога треба да настапи „Златен Елец“, етаблиран театар што има освоено бројни награди – посочува Вељановски.

Инаку, овие четири претстави, кои се финансиски поддржани и од Министерството за култура и туризам, се пријавени на јавниот повик распишан од Драмски театар.

– Деновите на независната продукција прво се одржуваа само една недела во годината, но ние ги проширивме на две недели, и тоа една недела во септември и една недела на почетокот од календарската година. Досега, на овие Денови на независната продукција, се одржани околу 30 претстави. Обично се работи за претстави што немаат услови каде да се презентираат и добро е да се претстават пред пошироката публика. Затоа Драмски ги отвори своите врати. Се работи за млади актери и режисери, кои го бараат своето место под сонцето, а ние сме тука да ги поддржиме, како претходници на современите театарски текови во Македонија – посочува Вељановски.

Тој, исто така, додава дека ќе продолжи оваа иницијатива и во иднина и ќе биде распишан јавен повик и за денови на претстави од независната продукција, кои ќе се одржат во септември. Доколку се пријават повеќе претстави, вели, можно е во иднина да се прави и селекција, но засега учествуваат пријавените претстави, кои, според пропозициите, не треба да бидат постари од две години.

По претставата „Кротка“ работена по истоимената новела од Фјодор М. Достоевски, а во продукција на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци, која ќе биде  одиграна вечерва, на 16 јануари, утре на 17 јануари, гостувањата на независната продукција се заокружуваат со претставата „Сина сенка“ на авторот Брајан Рејнолдс, во продукција на „Златен Елец“ од Скопје. Режисерка е Тамара Стојаноска, а во претставата се користи оригинална музика на Мајкл Хукер, додека изборот на музиката и новите аранжмани се на Лука Тошев. Дизајнот на плакатот и рекламниот материјал се креација на Бојана Цилевска. Сценографијата и изборот на костими се на Тамара Стојаноска, а изработката на специфични реквизити е на Благој Илиев. Фотограф е Јордан Звездоски. Во претставата играат: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ-Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ.

– „Сина сенка“ продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстануваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Претставата отвора прашања за тоа како нè трујат медиумите со лажни вредности, како го користат фармацевтската индустрија и големите бизниси човечкиот страв за поголем профит и како станува поединецот жртва, но и продукт на една болна општествена машина. Ова е современа приказна за човекот во системот, истовремено жртва и соучесник, борец и сенка. Но вистинската борба не е само против системот туку и против стравот во нас самите. Претставата нè води таму каде што започнува секое насилство, во човечката свест, во нејзината сенка – се посочува во режисерската експликација за претставата. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ