Незапамтено невреме во Хрватска, хаос во Загреб поради снегот: Затворен е автопатот, замрзнаа трамвајските шини/ВИДЕО

706
screenshot video crometeo

Хрватска беше погодена од силен зимски бран со снег, замрзнат дожд и ураганска бура на брегот, поради што е издадено црвено временско предупредување. Се очекува екстремно студена недела, со температури што ќе паднат до -10 степени. Метеоролозите очекуваат дополнителни снежни врнежи денеска, како и повеќе од 50 сантиметри снег.

Силната бура го погоди и подрачјето на Дубровник, каде што беа пријавени голем број проблеми – потонал е глисер, се случиле лизгања на земјиштето на патиштата, а Управата за водоснабдување издаде предупредување за заматена вода за пиење во некои делови од градот.

Во главниот град Загреб снегот предизвика огромни проблеми. Патиштата во хрватската престолнина се проодни, но јавниот превоз е отежнат. Поради силното невреме, затворени се и одредени патни делници.

Тешките временски услови предизвикаа неколку трамваи да излезат од шините, што доведе до сериозни прекини во сообраќајот. Работници од Загрепскиот електричен трамвај (ЗЕТ) ги одмрзнуваа замрзнатите шини со бренери, но и отстрануваа дефекти на некои од трамваите за сообраќајот да може што поскоро да се врати во нормала.

Од ЗЕТ велат дека сите расположиви екипи се ангажирани за отстранување на последиците од зимските услови и апелира до патниците да бидат трпеливи додека сообраќајот не се врати целосно во нормала.

Доцна синоќа ЗЕТ објави дека дошло до излетување од шините на трамвај во центарот на Загреб, што предизвика прекин на сообраќајот на таа делница.

ИЗДВОЕНИ