По повод Светскиот ден на музиката, на 21 јуни 2025 година ќе се одржи музичкиот спектакл „Центарска симфонија“, кој финансиски ќе биде поддржан од Општина Центар. За таа цел е распишан јавен повик.
– Планираме музички спектакл на кој публиката ќе има можност да се потсети на незаборавните македонски шлагери, како и на безвременските филмски мелодии од светската сцена. Овој музички настан ќе нè поврзе, ќе нè врати во времето и ќе ни ги разбуди најискрените емоции – информираше градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Учесниците на јавниот повик треба да понудат едночасовна програма со оригинални аранжмани за композициите, изведена од еден машки и од еден женски вокал (за соло и дует-нумери), како и инструментални изведби на гудачки камерен оркестар, саксофон, флејта и бенд во формација: клавијатура, гитара, бас-гитара, тапани и придружни вокали.
Сите заинтересирани здруженија, организации и правни субјекти од областа на културата, уметноста и на маркетингот со седиште во Центар можат да аплицираат во рок од пет дена од денот на објавувањето на повикот. Вкупните средства за проектот „Центарска симфонија“ изнесуваат 450.000 денари.