Незаборавен викенд со  многу авантура, планинарење, велосипедизам, логорување…

43

Авантуристичкиот клуб „Mountain Madness“ по шести пат организира незаборавен викенд со многу авантура, планинарење, велосипедизам, логорување, забава и уживање.  Станува збор за Фестивалот на планината и езерото 2025 година, кој ќе се одржи в сабота и в недела.

– Авантурата започнува в сабота со рекреативни велосипедски тури на локации покрај Охридското Езеро, со што ќе се одбележи Денот на Охридското Езеро, 21 јуни. Настанот продолжува во попладневните часови, со логорување во месноста Корита, каде што се организира камп со логорски оган и уживање со звуците на гитарата, но и во вкусна традиционална храна. Во текот на вечерта присутните ќе се запознаат и со дел од приказната и интересни случки на планината Галичица – информираат организаторите.

Главниот настан, искачување до врвот Магаро, ќе биде в недела, од 8 часот. Акцијата започнува со стартна точка од месноста Липова Ливада, која се наоѓа на 1.600 метри надморска височина. Патеката е во должина од 9 километри и во времетраење од 5 часа во двете насоки.

Оваа година ќе се организира и полесна тура од истата стартна точка до врвот Лако Сигно, од каде што се простира одличен поглед на двете езера.

– По искачувањето на врвовите, ќе се следи забава на плажа сè до зајдисонце. Не пропуштајте ја единствената можност во ист ден да бидете на врвот на планината и да се капете во Охридското Езеро. Настанот се организира со поддршка од Општина Охрид и Националниот парк  „Галичица“ – потенцираат од „Mountain Madness“.

Галичица е планина сместена помеѓу двете најголеми езера во Република Македонија, Охридското и Преспанското. Врвовите на Галичица нудат неверојатен поглед кон двете езера и околните планини. Со оглед на тоа што фестивалот вклучува повеќе настани, од вело тура, логорување, искачување на Магаро, забава на плажа… избор на учесникот е во која ќе се вклучи, а може да направи и комбинација.

За време на акцијата за сите учесници влезот во НП „Галичица“ ќе биде слободен.

-Секој учесник треба да поседува планинарска опрема, храна од ранец и 1,5 литар вода. Учесниците одат на своја одговорност и за секое непочитување на маршрутата и правилата поставени од организаторот сами одговараат за последиците – се наведува во поканата до сите добронамерници.

 

ИЗДВОЕНИ