Деменцијата е состојба која се карактеризира со општ пад на когнитивните функции. Иако не можеме да влијаеме на некои фактори на ризик, истражувањата покажуваат дека здравиот начин на живот и исхраната богата со хранливи материи можат значително да го намалат ризикот и да помогнат во зачувувањето на менталната острина. Меѓу храната што особено го промовира здравјето на мозокот, се издвојуваат јаткастите плодови, а невролозите ги ставаат оревите на прво место, пишува EatingWell.
Што е когнитивен пад?
„Когнитивниот пад се однесува на постепеното губење на мозочните функции како што се меморијата, вниманието, јазикот, решавањето проблеми и донесувањето одлуки. Може да се движи од благи промени што се дел од нормалното стареење, како што е повремено заборавање на имиња, до посериозни нарушувања што се забележуваат кај Алцхајмеровата болест и други деменции“, објаснува д-р Мил Етјен, вонреден професор по неврологија и медицина на Медицинскиот колеџ во Њујорк.
Зошто оревите се особено корисни?
Тие содржат здрави масти
Иако сите јаткасти плодови содржат здрави масти, оревите се најбогатиот извор на растителни омега-3 масни киселини. „Оревите се добар извор на алфа-линоленска киселина (ALA), омега-3 масна киселина од растително потекло“, истакнува д-р Џонатан Граф-Радфорд, невролог и истражувач во клиниката Мајо.
Тој додава: „Епидемиолошките студии покажаа дека јаткастите плодови, вклучувајќи ги и оревите, се поврзани со помал ризик од деменција, особено кога се консумираат како дел од медитеранска исхрана.“
Само една порција ореви од 28 g обезбедува 2,5 g ALA, значително повеќе од препорачаниот дневен внес. Докажано е дека исхраната богата со омега-3 масни киселини го намалува ризикот од когнитивен пад и ја подобрува меморијата и способноста за учење.
Богати се со антиоксиданси
„Оревите се богати со антиоксиданси кои го намалуваат оксидативниот стрес и воспалението“, вели д-р Етјен. Тие содржат фенолни киселини, витамин Е, селен и флавоноиди кои се борат против слободните радикали и спречуваат оштетување што може да доведе до невродегенеративни заболувања.
Д-р Граф-Радфорд објаснува: „Овие соединенија дејствуваат како чистачи на слободни радикали, спречувајќи ги да предизвикаат штета.“ Токму ова богатство со антиоксиданси ги прави оревите важен сојузник за здрав мозок.
Тие го поддржуваат здравјето на срцето
Здравјето на срцето и мозокот се тесно поврзани. „Васкуларното когнитивно оштетување е втора најчеста причина за деменција по Алцхајмеровата болест“, објаснува Граф-Радфорд. Редовното консумирање ореви е поврзано со поздрав кардиоваскуларен систем.
Една студија покажа дека учесниците кои јаделе 30 до 60 г ореви дневно во текот на две години имале значително понизок вкупен и LDL („лош“) холестерол. Овие придобивки се припишуваат токму на здравите масти и влакна, кои го штитат срцето и на тој начин индиректно го намалуваат ризикот од деменција.
Кога да побарате помош?
Оревите не само што личат на мозокот по изглед, туку можат и да го заштитат додека старееме. Тие се богати со здрави масти и антиоксиданси и придонесуваат за зачувување на здравјето на срцето, што заедно претставува силна заштита од когнитивен пад.
Сепак, важно е да се разликува нормалното стареење од знаците што бараат стручно внимание. „Иако повремената заборавеност е нормална, когнитивниот пад вклучува позначајни промени во меморијата, решавањето проблеми или употребата на јазикот“, забележува Граф-Радфорд. „Ако вие или некој близок до вас доживува забележителни промени во размислувањето или меморијата, важно е да посетите лекар. Тие можат да помогнат да се утврди што се случува и дали е потребен третман или поддршка.“