Популарноста на додатоците во исхраната незапирливо расте – според Би-Би-Си, повеќе од 74% од Американците и две третини од Британците се свртуваат кон апчиња со надеж дека ќе го подобрат своето здравје. Сепак, клучно е да знаете што и во која количина внесувате во вашето тело, бидејќи последиците можат да бидат сериозни, како во случајот со Американка на која оваа година ѝ се закануваше откажување на црниот дроб поради прекумерен внес на таблети од куркума.

Неврологот д-р Баибинг Чен, познат на TikTok како д-р Бинг, предупреди на опасностите од земање премногу дози од три популарни додатоци во исхраната. Експертот детално објасни што може да се случи ако се игнорираат препорачаните дози, а некои од најсериозните симптоми влијаат на мозокот и нервниот систем.

Витамин Д

Прв на листата е витаминот Д, кој помага во регулирањето на калциумот и фосфатот во телото, кои се клучни за здравјето на коските, забите и мускулите. Британската влада дури им советува на сите да земаат додатоци на витамин Д во текот на есента и зимата. Проблемот, сепак, се јавува со предозирање. Препорачаната дневна доза за деца над една година и возрасни е 10 микрограми (mcg), додека на бебињата до една година им се потребни помеѓу 8,5 и 10 микрограми.

Д-р Бинг предупредува: „Земањето превисока доза на витамин Д може да предизвика насобирање на калциум во крвта, што може да влијае на мозокот, што доведува до работи како конфузија, замор, депресија, а понекогаш дури и психоза“. Тој, исто така, додаде важна забелешка: „Значи, иако овие витамини и минерали се неопходни за функционирање на нашите тела, умереноста е клучна, како и скоро сè друго во животот, и повеќе не е секогаш подобро“.

Според клиниката Мајо, насобирањето калциум во крвта, познато како хиперкалцемија, може да предизвика непријатни симптоми како што се стомачни тегоби, повраќање, слабост, често мокрење, болки во коските и проблеми со бубрезите, вклучително и формирање камења.

Витамин А
Друг додаток на кој треба да се внимава е витаминот А, познат и како ретинол. Тој е важен за правилното функционирање на имунолошкиот систем, видот во услови на слаба осветленост и здравјето на кожата и мукозните мембрани. Според британската НХС, препорачаниот дневен внес за возрасни мажи (од 19 до 64 години) е 700 µg, а за жени 600 µg.

„Витаминот А е растворлив во масти, што значи дека се складира во црниот дроб и може да се акумулира со текот на времето“, објасни д-р Бинг. „Премногу може да доведе до состојба наречена псевдотумор церебри, што е зголемен притисок во мозокот што имитира тумор на мозокот, предизвикувајќи главоболки, заматен вид, па дури и трајно губење на видот.“ Покрај тоа, долготрајниот внес на повеќе од 1,5 mg (1500 µg) витамин А дневно може да ги ослабне коските и да ги направи посклони кон фрактури во староста.

Цинк
Конечно, д-р Бинг објасни дека прекумерниот внес на цинк може да се меша во апсорпцијата на бакар во телото. Цинкот е инаку клучен за создавање нови клетки и ензими, преработка на хранливи материи од храната и заздравување на раните. „Го има во мултивитамини, таблети за настинка, па дури и во некои лекови за настинка што се продаваат без рецепт“, рече докторот.

„Цинкот е неопходен за нашето тело и може да се најде во многу извори на храна. Но, проблемот е кога луѓето земаат додатоци дневно со месеци, тие лесно можат да ја надминат безбедната граница“, продолжи тој. „Бакарот е клучен за вашиот нервен систем. А ниските нивоа на бакар можат да предизвикаат нешто што се нарекува миелоневропатија, што е оштетување на ‘рбетниот мозок и вашите периферни нерви, што доведува до работи како вкочанетост, пецкање и проблеми со одењето.“

Д -р Бинг додаде: „И видов неколку случаи на ова каде што луѓето дошле со прогресивна слабост и губење на сензација поради недостаток на бакар од долготрајна прекумерна употреба на цинк.“ Премногу цинк може да доведе и до анемија и ослабени коски. Препорачаната дневна доза за мажи е 9,5 мг, а за жени 7 мг.

ИЗДВОЕНИ