Невремето предизвика колапс низ цела Европа: Откажани летови, возови и фериботи, заглавени камиони, снегот продолжува да вее

98

Силното невреме што ги зафати делови на Европа продолжува да предизвикува откажувања на возови и авиони во Холандија, застој во сообраќајот за товарни возила во Франција и фериботи во Грција, додека жолто предупредување за снег е на сила во Велика Британија, како и ризик од обилни дождови, силни ветрови и поплави.

Четири дојдовни летови беа откажани на аеродромот Схипхол во Амстердам денеска, а четири беа одложени, што е многу подобра ситуација во споредба со стотиците летови што се откажуваа дневно во претходните денови, пренесе „НЛ Тајмс“

На удар е и железничкиот транспорт во Холандија, а пријавени се доцнења и прекини на сообраќајот на повеќе линии. Во Холандија, се очекува да престане да врне снег  од почетокот на неделава, и постепено да се претвори во дожд.

Во североисточна Франција кон германската граница, околу 700 возачи на камиони се заглавени на автопатот А36, бидејќи снежните врнежи што го зафатија источниот дел од земјата ја принудија префектурата да го забрани сообраќајот за возила над 3,5 тони до денеска.

Во исто време, жолти предупредувања за снег, силен ветер, мраз, обилни дождови и поплави се на сила во многу делови од Велика Британија, објавува „Скај њуз“. Жолто предупредување важи за централна и североисточна Шкотска.

Според прогнозата, во Велика Британија се можни „обилни дождови, силни ветрови и снег“, но се очекуваат поблаги температури во споредба со претходниот период, иако постои и „зголемен ризик од обилни дождови, силни ветрови, снег првично, кој потоа ќе се стопи и ќе доведе до ризик од поплави“.

Откако неколку дена беше погодена од зимската бура Ели, ситуацијата во Германија се подобрува – метеоролошката служба ги укина сите постоечки предупредувања за сериозни врнежи во големи делови од земјата, објавува „Билд“. Викендот, снежните врнежи во Германија предизвикуваа откажувања на возови, лизгање на автомобили и опасен мраз.

Невремето предизвика проблеми и во водниот транспорт. Фериботите во Грција постепено го продолжија сообраќајот од вчера, откако силните ветрови се намалија доволно за да се дозволат заминувања, соопштија грчките власти, нагласувајќи дека подобрувањето на условите се очекува да биде краткотрајно. Операторите на фериботите ги повикаа патниците да ги проверат возните редови пред да патуваат, истакнувајќи дека компаниите сè уште можат да откажат одредени рути по кратко време поради брзо менување на временските услови. Се очекуваат врнежи од снег во планинските и северните области, а некои пониски региони во северна Грција се исто така изложени на ризик, а се предвидува и нагло опаѓање на температурите, особено на северот од земјата.

Зимските временски непогоди го зафатија и поголемиот дел од Србија во последните денови што доведе до прекини во снабдувањето со електрична енергија, застој во сообраќајот и распоредување на служби за итни случаи во неколку региони. Поради комбинацијата од снежни врнежи, замрзнат дожд и силен ветер, во некои општини е прогласена вонредна состојба, додека во други делови од земјата ситуацијата постепено се стабилизира.

ИЗДВОЕНИ